Ковачевски по средбата со коалициските партнери: Парламентарни избори во 2024 година!

„Следните избори ќе се одржат во редовниот термин во 2024 година и тоа прашање го затвораме“.

Ова го изјави денеска македонскиот премиер – Димитар Ковачевски по одржаната средба со владината коалиција.

Ковачевски рече дека со коалициските партнери едногласно заклучиле дека предвремените избори нема да ги решат проблемите на граѓаните, туку дополнително ќе ги продлабочат и најави фокус на економијата и надминување на последиците од кризата.

„Во наредниот период продолжуваме со одговорот на кризата, преку испорачување нов пакет антикризни мерки, системски реформи, неселективна борба против високата корупција и усогласување на изборното законодавство со препораките на ОБСЕ и ОДИХР“ – порача Ковачевски.

За францускиот предлог за одблокирање на македонските евроинтеграции, премиерот е дециден:

„Нормално дека МНР има увид во предлогот и најискусните дипломати и експерти во МНР прават анализа на предложените документи, меѓутоа нема да го коментираме и нема да биде предмет на дискусија затоа што сè уште не е предлогот усогласен од сите 26 земји членки на ЕУ и Франција која го дава предлогот. Го следиме развојот на настаните во бугарскиот парламент и ако таму биде усвоен и кога ќе биде усвоен и доставен официјално со Република Македонија тогаш нормално дека тој ќе биде предмет на анализа во детали и споделен со институциите во државата“ рече Ковачевски.