Претседателот на Русија – Владимир Путин на 25. Меѓународен економски форум во Санкт Петербург ги коментираше светските економски и политички случувања.
Тој вели Русија има моќ значително да го зголеми извозот на храна и ѓубрива, а проблемите во снабдувањето со храна не доаѓаат од неговата земја, туку од Западот.
Рускиот претседател нагласи дека руското снабдување со жито може да се зголеми на 50 милиони тони следната сезона.
„Русија не е одговорна за проблемот со житото во Украина. Ние не се мешаме во снабдувањето со жито од Украина. Не сме ние тие што поставуваме мини во пристаништата на Црното Море. Нека ги исчистат мините и нека ги отстранат бродовите“ – рече Путин.
За наводите дека Русија се заканува со нуклеарно оружје, Путин рече дека реториката доаѓа од устите на неодговорни политичари и дека се користи на многу високо ниво.
„Штом одговориме, нè напаѓаат поради тоа и велат дека Русија се заканува. Никому не се закануваме, но сите знаат што имаме и треба да знаат што ќе користиме доколку е потребно за да го заштитиме нашиот суверенитет“ – додаде Путин.
На прашање за можниот кандидатски статус или членство на Украина во Европската унија (ЕУ), Путин рече дека има јасен став за тоа.
„ЕУ не е воена организација, за разлика од НАТО. Како што секогаш велам, нашиот став е многу конзистентен и јасен во овој поглед. Русија не е против тоа“ – рече Путин.