Докторите кои си додавале дежурства и прекувремена работа ги вратија парите, рече првиот човек на ФЗО

Првиот човек на ФЗО – Сашо Клековски на денешниот брифинг со новинарите рече дека директорите на болниците кои незаконски си ги зголемиле платите, а кои беа откриени со контролите на ФЗО ги вратија парите.

Првиот човек на ФЗО – Сашо Клековски на денешниот брифинг со новинарите рече дека директорите на болниците кои незаконски си ги зголемиле платите, а кои беа откриени со контролите на ФЗО ги вратија парите.

Тој посочи дека во контролите што беа направени изминатите неколку месеци утврдени се неправилности при пресметката на платата на доктори кои се и директори на јавни здравствени установи и дека по укажување од Фондот, тие ги вратиле парите.

-Во основа нам ни е континуирана активност медицинската контрола на извршените услуги и финансиската контрола. Ние тие наоди ги комуницираме со јавните здравствени установи со Министерството за здравство, Министерството за финансии и со Државниот завод за ревизија, со кој имаме одлична соработка. Во основ, од тие информации кои ги имам запаметено директори актуелни или поранешни ги имаат вратено парите, станува збор за милион и пол денари – рече Клековски.

Според него, мора да изградат систем каде ќе се почитуваат сите меѓусебно и дека се трудат лекарите да бидат добро платени, но дека мора да престанат и злоупотребите.

Клековски потсети дека на матичните лекари за 33 отсто им е зголемена капитацијата, а во јавното здравство со изминатите две покачувања се зголемени платите за 17 проценти.

-Праќам јасен сигнал до сите здравствени работници дека ќе ја вреднуваме работата и платите ќе одат нагоре, но од друга страна очекуваме фер однос и да престанат злоупотребите со додатоците на плата. Таа комуникација е и со јавните здравствени установи и со синдикатите, за да се придвижиме од една состојба каде трудот не се вреднувал, па некои луѓе сами си го наплаќале спрема она што сметале дека им следува. Не може да има самовреднување и само наплата. Ќе има правила кои ќе бидат фер и ќе правиме да се придржуваат, изјави Клековски.