Османи на Преспа форумот: Стабилен Западен Балкан е геополитичка инвестиција за безбеден и просперитетен континент

Бујар Османи – шефот на македонската дипломатија во воведното обраќање на министерската сесија насловена „Заедничко градење на отпорна европска безбедност”, во рамки на Преспа форумот за дијалог во Охрид.

Во фокусот на дискусиите беа нарушената европска безбедносна архитектура во променливото геополитичко опкружување; справувањетo со глобалните и регионалните безбедносни предизвици и најновите безбедносни ризици со кои се соочува Европа денес, како и улогата на ЕУ, ОБСЕ и НАТО во одржувањето на меѓународниот мир.

„Одбраната на Украина не е прашање само на опстојување на националниот суверенитет и територијален интегритет – историски, двата фундаментални принципи на демократското владеење – туку во крајна линија станува збор за одбрана на Европа од мешање и империјален нагон на трети актери со цел целосно распаѓање на државата. Оттука, зачувувањето на независноста на Украина не е фундаментално само за самите Украинци, туку и за секој друг Европеец. На геостратешко ниво, слободна, независна, успешна и европска Украина, подеднакво би помогнала Европа безбедносно да се консолидира“ рече Османи.

Тој се осврна и на иднината на Западниот Балкан.

„Да ја повторам клучната порака од минатогодишниот форум, а тоа е дека Западниот Балкан и географски и политички и културно е дел од Европа, и оттука нема дилема дека неговата иднина е во европските и евроатлантските сојузи. Само еден краток поглед на географската карта јасно покажува дека Балканот не е на периферијата туку во срцето на Европа, опкружен од сите страни со земји – членки на Унијата. Овој регион нема други граници, туку само граници кон ЕУ и оттука, кога се зборува за интеграцијата на Западниот Балкан во ЕУ, вистинскиот термин би бил заокружување на Унијата, а не проширување. И ова не е само политичка, туку и геостратешка констатација. Лоцирани на југоисточниот дел од Европа, Западниот Балкан од секаков можен аспект претставува југоисточна порта на Европа. Кога се зборува за енергетска диверзификација, неминовно се размислува за југоисточните коридори на енергетско поврзување; кога се осврнуваме на предизвиците на миграцијата, неминовно на дневен ред доаѓаат балканските рути на движење; кога го имаме на ум поврзувањето со Централна Азија, со Африка – единствениот пат проаѓа низ овој регион. Оттука, стабилен, просперитетен и интегриран Западен Балкан претставува геополитичка инвестиција за безбеден, стабилен и просперитетен континент“ – смета Османи.