„Грција веќе не е црна овца во Европа, туку е кредибилен партнер, држава која учествува во создавањето на случувања“.
Ова го изјави грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во однос на намерата на Европската комисија да не го продолжи засилениот надзор за Грција по неговото истекување на 20 август годинава со што и официјално ќе заврши 12-годишната криза во земјата. Тој рече дека ова, за Грција и Грците е „важен национален успех“.
„Со ова се затвора болниот циклус отворен пред 12 години. И, во исто време, се отвора нова ера на автономни избори за развој на земјата и просперитет на нејзините граѓани. Така, по укинувањето на капиталните ограничувања и отплатата на заемите од ММФ, се постигнува и третата цел што од самиот почеток ја постави Владата, отворајќи го патот кон големата национална цел: стекнување инвестициски рејтинг што отклучува уште повеќе можности за просперитет за сите“ рече грчкиот премиер.
Вчера на состанок на Еврогрупата бил разгледан напредокот на Грција во спроведувањето на реформите и нејзините макроекономски изгледи, врз основа на 14-тиот извештај за засилен надзор на Европската комисија.
Соопштија дека со оглед на успешното исполнување на најголемиот дел од политичките обврски на Грција, министрите ја поздравиле намерата на Европската комисија да не го продолжи засилениот надзор по 20 август 2022 година.