(ВИДЕО) Јованоска: Писателот го губи својот статус, државата не го консултира гласот на уметникот

➡Наидов на размислување дека „нормалното“ многу пати може да делува ограничувачки и дека е индивидуално и различно за секој човек. Така што кога зборуваме што е нормално, а што не е, треба да тргнеме пред се со прашањето - во однос на што, во однос на кој, на кого, кој го одредува и да бидеме малку поотворени пред да етикетираме и да обележиме нешто како нормално или како ненормално, се со цел да го стигматизираме, да го подложиме на дискриминација. Значи како еден вид на критика или апел да бидеме поотворени кон она што е нормално, ненормално и различно. ➡Секој автор кога се одлучува да напише нешто и да го објави, да го даде достапно на јавноста, има прилика да испрати порака, да испрати свое видување, да се обиде да направи некој импакт. ➡ Ако индивидуата не е задоволна, среќна, и ако е фрустрирана таму каде што се наоѓа, не може да биде ни добар граѓанин, ни добар сосед, ни добар партнер, колега и пријател. ➡Нечистотијата, нерешените еколошки прашања ме мачат, ме мачи притисокот на вештачката интелигенција врз работните места и неизвесната иднина по тој основ. Исто така, како жител на светот ме мачат и глобалните прашања, војните кои се случуваат на нашиот континент и на Блискиот Исток. Ме мачи корупцијата, организираниот криминал и една т.н апатија којашто се раѓа кај младите, коишто се помалку веруваат во системот, се помалку се „замараат“ за политика и следствено на тоа се повеќе се отселуваат. ➡Ако постојано правиме една иста работа, постојано ги повторуваме истите грешки, по природа на нештата станале веќе нормални, не можеме да очекуваме дека со истото однесување може да се случи промена. ➡Отстапките од она на коешто сме навикнати постојано да го правиме, или се очекува од нас, го трасираат патот кон промените. Не можеш да очекуваш дека ќе има промена ако постојано се однесуваш исто. ➡Јас сум оптимист и сакам да верувам дека не мора да се случат и да чекаме да се случат лошите работи и трагедиите, катастрофите за да научиме нешто. Имаме прилика, отворени сме, постои интернет, постојат многу начини да се информираш и верувам дека доколку се сака може да се научи и од туѓите грешки. ➡Уметноста е еден вид на катализатор кој оди од народот и повторно се враќа кај народот. ➡Писателот го губи статусот што го имал некогаш. Веројатно тоа е резултат на негрижа од страна на државата или резултат на времето во кое живееме. ➡Во пошироката слика, на крајот последниот збор, односно последниот клуч за отворање на вратата кон излезот, мора да дојде од власта, вели писателката Јованоска.

„Насловот на романот ‘Ништо нормално’ ми дојде спонтано, еден убав ден кога размислував како би можело да се вика оваа збирка и што е она заедничко, како заедничка нишка за расказите. Кога размислував за терминот ‘Нормално’ тргнував од различни перспективи. ‘Нормалното’ е очекувано и прифатливо за да функционира едно општество, по однапред определени теркови коишто ни даваат чувство на стабилност, на сигурност и предвидливост.

-Меѓутоа, од друга страна, наидов на размислување дека ‘нормалното’ многу пати може да делува ограничувачки и дека е индивидуално и различно за секој човек. Така што кога зборуваме што е нормално, а што не е, треба да тргнеме пред се со прашањето – во однос на што, во однос на кој, на кого, кој го одредува и да бидеме малку поотворени пред да етикетираме и да обележиме нешто како нормално или како ненормално, се со цел да го стигматизираме, да го подложиме на дискриминација. Значи како еден вид на критика или апел да бидеме поотворени кон она што е нормално, ненормално и различно, вели во „Трилинг“ писателката Симона Јованоска.

Фото: Трилинг / Симона Јованоска

Говорејќи за тоа дека во збирката во неколку наврати, а и во самиот наслов се тематизира нормалното и дали се алудира на потребата од општествени промени кои би требале да придонесат во функционален систем и да создадат чувство на сигурност, перспективност, Јованоска смета дека секој автор кога се одлучува да напише нешто и да го објави, да го даде достапно на јавноста, има прилика да испрати порака, да испрати свое видување, да се обиде да направи некој импакт.

„Лично верувам дека без разлика во каква и да се состојба нештата во моментот, секогаш може да им се пристапи од различен аспект и перспектива, со цел да се подобрат. Така што луѓето коишто ќе ја читаат оваа збирка и расказите, можат пред сѐ, и би сакала, во себе си да пронајдат што е она што за нив е нормално, што е она што нив ги кочи од намерата да стигнат таму каде што се предодредени, а понатака кога секој човек којшто тргнува од себе и којшто стигнува на некое убаво место во себе си, е способен истото да го пренесе и надвор, затоа што ако индивидуата не е задоволна, среќна, и ако е фрустрирана таму каде што се наоѓа, не може да биде ни добар граѓанин, ни добар сосед, ни добар партнер, колега и пријател и тн.

-Така што испраќам апел, којшто го оставам на слободно толкување на сите што ќе го читаат, иако би сакала тоа да биде едно општо преиспитување на нормалноста“, вели Јованоска и додава дека како и повеќето граѓани на нашата држава, неа ја мачат пред сѐ локалните предизвици со коишто се соочуваме.

„Нечистотијата, нерешените еколошки прашања ме мачат, ме мачи притисокот на вештачката интелигенција врз работните места и неизвесната иднина по тој основ. Исто така, како жител на светот ме мачат и глобалните прашања, војните кои се случуваат на нашиот континент и на Блискиот Исток. Ме мачи корупцијата, организираниот криминал и една т.н апатија којашто се раѓа кај младите, коишто се помалку веруваат во системот, се помалку се „замараат“ за политика и следствено на тоа се повеќе се отселуваат“, вели Јованоска.

Фото: Трилинг / Симона Јованоска

Околу нејзината изјава дека „отстапките од нормалното го трасираат патот кон промените“, Јованоска вели дека тоа го кажува во контекст дека ако постојано правиме една иста работа, постојано ги повторуваме истите грешки, по природа на нештата станале веќе нормални, не можеме да очекуваме дека со истото однесување може да се случи промена.

„Промената доаѓа тогаш кога ќе го смениш твоето однесување. Пред сѐ треба да се роди во тебе, да се смени некаков став, навика, стереотип, предрасуда, да се отвориме кон нешто ново, да се затвориме кон нешто што не функционирало, а понатака да го спроведеме како акција на дело.

-Значи отстапките од она на коешто сме навикнати постојано да го правиме, или се очекува од нас, го трасираат патот кон промените. Не можеш да очекуваш дека ќе има промена ако постојано се однесуваш исто“, смета Јованоска и додава дека за жал луѓето, не само тука, туку и пошироко учат само откако ќе се случи нешто лошо и тоа го учат во моментот кога ги надвладува и ги обзема колективна болка и траума.

„Меѓутоа тоа многу брзо се заборава до следната, и на долг рок излегува дека сепак не учиме, но јас сум оптимист и сакам да верувам дека не мора да се случат и да чекаме да се случат лошите работи и трагедиите, катастрофите за да научиме нешто. Имаме прилика, отворени сме, постои интернет, постојат многу начини да се информираш и верувам дека доколку се сака може да се научи и од туѓите грешки“, вели Јованоска.

Фото: Трилинг / Симона Јованоска

Говорејќи за иселувањето кое долги години е рак рана во Македонија и како лично како уметник ја доживува „белата чума“ и дали е подобро човек да се жртвува и да биде свој на своето – да остане дома или да си ја побара перспективата во странство, Јованоска вели дека веќе не ни постои човек којшто нема некој свој којшто му е отселен.

„Сите сме свесни што се случува. Искрено јас мислам дека секој човек треба да си ја побара својата среќа таму каде што мисли дека го чека. Ако не е задоволен од местото каде што живее или доколку мисли дека некаде надвор може да биде дочекан подобро, треба да си се проба. Треба да се водиме пред сѐ од остварување на личните цели, а дури понатака да ги гледаме целите на татковината, особено кога државата не те наградува и не те стимулира да останеш тука.

-Не мислам дека е чин на предавство ако си заминеш. Секој си ја бара среќата, судбината надвор. Исто така не мислам дека е полесен избор да останеш. Честопати се перципира моментот дека ние што сме останале како да не сме успеале. Напротив, јас исто се сметам како подеднакво успешна како и тие што си заминале, затоа што ние тука што сме останале имаме свои борби за водење, со свои предизвици и како што рековме – некој мора и да остане тука, додава Јованоска.

Фото: Трилинг / Симона Јованоска

Писателката Јованоска смета дека уметникот секогаш бил колекционер на актуелната состојба и време и место во коешто живее, ги рафинира собраните информации и откако ги рафинира низ неговиот личен филтер, ги пласира во јавноста повторно, за да не бидат заборавени, да потсетува, да апелира, да поттикнува.

„Така што сметам дека уметноста е еден вид на катализатор кој оди од народот и повторно се враќа кај народот“.

Прашана дали се почитува, слуша гласот на писателот, Јованоска вели дека нема таков впечаток, затоа што по основ на разни прашања, теми коишто се значајни за колективот, за државата, писателите не се повикани да бидат консултирани, да биде земено предвид нивното мислење.

„Писателот го губи статусот што го имал некогаш. Веројатно тоа е резултат на негрижа од страна на државата или резултат на времето во кое живееме“, додава Јованоска.

Таа смета дека политиката на државата којашто ние самите ја одредуваме со правото на глас, треба да работи на политички програми коишто се во интерес на граѓаните.

„Книжевноста може да претставува само еден вид на личен излез на поединецот во моменти кога има слободно време, да одвои дел од својот буџет и дел од своето слободно време, да прочита некоја книга и да доживее нешто лично. Меѓутоа, во пошироката слика, на крајот последниот збор, односно последниот клуч за отворање на вратата кон излезот, мора да дојде од власта, вели Јованоска.

Целото интервју погледнете го во видеото.