Пендаровски на Преспа форумот побара јасна перспектива за земјите од регионот за членство во ЕУ

„Јасна перспектива за земјите од регионот за членство во Европската Унија“ побара претседателот Стево Пендаровски во неговото обраќање на Преспа форумот во Охрид.

Тој посочи дека поддршката за членство во ЕУ драстично опаѓа изминатите години и порача дека ако нема јасна перспектива, тогаш се повеќе луѓе ќе стануваат скептици и ќе се зајакнуваат автократските режими.

„Брисел треба да истапи и директно да ни каже – ова е нашиот план за вас, навистина сме сериозни во намерите за интегрирање на Западниот Балкан во економска, политичка и друга смисла. Во спротивно, се повеќе луѓе ќе стануваат скептични за европскиот проект и автократските режими се повеќе ќе се зајакнуваат во регионот. Членките на ЕУ со години зборуваат дека сакаат прво да ја продлабочат Унијата, а потоа да ја прошират“ – рече Пендаровски.

Тој посочи дека незавршениот европски проект има безбедносни последици врз регионот, но и пошироко, а тоа што Западен Балкан не е целосно интегриран во ЕУ има поврзаност со дејствувањето на Русија, хибридните закани и лажни вести

„Можам да видам директна поврзаност меѓу незавршениот проект на ЕУ и безбедносната архитектура на стара Европа. Прво Русија со години ги поткопува нашите општества, ако зборуваме за Северна Македонија, зборуваме за хибридни закани, лажни вести особено во однос на прашањето за името. Откога ќе заврши војната во Украина, Русија ќе се врати на старите методи повторно борејќи се против демократиите на западот со лажни вести и пропаганда, нагласувајќи дека не треба да трчаме по членство во ЕУ или НАТО“ – потенцира Пендаровски.

Пораки за интеграција во ЕУ испратија и претседателите во регионот, свои обраќања имаа претседателите на Словенија – Борут Пахор; Хрватска – Зоран Милановиќ; Црна Гора – Мило Ѓукановиќ и Косово – Вјоса Османи.

Специјален гостин, преку видео-врска беше и претседателот на Украина, Володомир Зеленски.