Со 125 гласа „за“ и 113 „против“ пратениците во бугарското Собрание денеска го разрешија Никола Минчев од функцијата претседател на Парламентот.
Барањето за негово разрешување вчера го поднесоа 120 пратеници од партиите „Има таков народ“, ГЕРБ-СДС, ДПС и „Преродба“.
„Барањето за мое разрешување е со иста позадина како и барањето за гласање за недоверба на Владата следната недела. Во пленарната седница има ново мнозинство. Во таков парламент уште подобро е да не бидам претседател, оти испадна дека тие што требаше да збришат сега сакаат мене да ме збришат. Ако треба да избереме нов претседавач, сакам тој или таа да биде објективен како што се обидов јас“ – рече Минчев кој е дел од парламентарната група на партијата „Продолжуваме со промените“.