Бучковски: Владата на Петков ќе падне, ама се уште има шанса и за пад на ветото!

Владо Бучковски – поранешниот специјален пратеник за спорот со Бугарија за „360 степени“ вели дека се поизвесно е дека владата на Кирил Петков ќе падне, но додава и дека ако се гледаат роковите според кои треба да се гласа доверба на владата, се уште постои шанса во тамошното Собрание да се најде францускиот предлог за пад на ветото за С. Македонија.

„Станува извесно дека владата на Кирил Петков ќе падне. Од вчера тече рокот, согласно нивниот Деловник, од најмалку три, а најмногу седум дена кога ќе треба да биде гласањето за доверба на владата во парламентот, иницирано од ГЕРБ на Бојко Борисов. Ако стигне француски предлог, шансите да се најде пред пратениците во нивната собраниска Комисија за надворешни работи сѐ уште постојат, но треба да се има предвид дека сегашното мнозинство, денеска промовираното, инсистира за евентуалниот предлог од француското претседателство да се расправа на пленарна седница, а не на собраниската комисија. Во оваа комплицирана ситуација, тешко е да се даде прогноза за збиднувањата во следните ден-два, но од друга страна француското претседателство постојано беше во контакт и со претседателот на Бугарија, Румен Радев, впрочем, пред една седмица кога претседателот Макрон разговараше со нашиот премиер Димитар Ковачевски, во истиот ден говореше и со претседателот Радев. Во ваква ситуација, кога Владата е пред промена, парламентот функционира сè до изборот на нови пратеници, така што варијантата дека може да се расправа за евентуален француски предлог постои сè додека бугарскиот парламент е во полн состав, а претседателот Радев, иста така, ќе има влијание во вакви околности“ – вели Владо Бучковски во изјава за „360 степени“.