Законот за правична и соодветна застапеност доби зелено светло од Владата

Ова законско решение доаѓа како одговор на укинувањето на „Балансерот“ од страна на Уставниот суд, ставајќи крај на привремените механизми и импровизациите.

Владата на Република Северна Македонија направи клучен чекор кон воспоставување системски ред во јавната администрација. Со усвојувањето на Законот за правична и соодветна застапеност, уставниот принцип за застапеност на заедниците за првпат добива конкретна законска рамка и станува задолжителен за сите државни институции.

Ова законско решение доаѓа како одговор на укинувањето на „Балансерот“ од страна на Уставниот суд, ставајќи крај на привремените механизми и импровизациите.

Клучни новини во законот

Новиот систем е изграден врз препораките на Венецијанската комисија, што му дава силен меѓународен легитимитет и правна сигурност. Главните столбови на законот се:

Координативно тело: Владата ќе формира посебно тело кое директно ќе го следи и гарантира спроведувањето на законот во пракса.

– Законот предвидува формирање на Координативно тело за следење на правичната и соодветна застапеност со одлука на Владата. Ова тело ќе го следи, мониторира и ќе го гарантира спроведувањето на законот во пракса. Ова е многу важно, бидејќи без ваква алка на одговорност, секој закон ризикува да остане само формален – рече министерот за европски прашања Беким Сали.

Меритократија пред сè: Квалификациите, стручноста и компетенциите остануваат примарен критериум за вработување. Етничката припадност се зема предвид само како секундарен фактор при еднакви резултати на кандидатите.

Системско усогласување: Во рок од 6 месеци ќе се донесат сите потребни подзаконски акти за целосна имплементација низ сите институции.

– Посебно внимание се посветува на подобрување на застапеноста на граѓаните кои припаѓаат на заедниците што се подзастапени во органите надржавната власт и другите институции од јавниот сектор, при што квалификациите, стручноста и компетентноста претставуваат примарен критериум, а припадноста кон подзастапена заедница може да се земе предвид само како секундарен критериум, во случај на еднакви квалификации и компетентност на кандидатите – додаде Сали.