
Битка за ССМ: Екс претседателот Живко Митрески добил на суд, за актуелното раководство е обид да бидат замолчани
Живко Митрески, кој ја извршуваше функцијата претседател на Сојузот на синдикати на Македонија до 2017 година, денеска на прес-конференција соопшти дека Граѓанскиот суд во Скопје донел пресуда со која се потврдува дека бил незаконски сменет и дека сите одлуки што од тогаш до денес се донесени од страна на ССМ, се ништовни.
Живко Митрески, кој ја извршуваше функцијата претседател на Сојузот на синдикати на Македонија до 2017 година, денеска на прес-конференција соопшти дека Граѓанскиот суд во Скопје донел пресуда со која се потврдува дека бил незаконски сменет и дека сите одлуки што од тогаш до денес се донесени од страна на ССМ, се ништовни. За актуелното раководство на ССМ, одлуката на Граѓанскиот суд донесена во февруари годинава со која се потврдува дека Живко Митрески во 2017 година е нелегитимно сменет од функцијата претседател на ССМ, е обид да бидат институционално замолчени.
Митрески денес посочи дека во пресудата стои дека за ништовна се смета одлуката за избор на претседател на ССМ од 6.12.2017 година донесена на вонредниот конгрес на ССМ одржан на 6.12.2017 година и дека ништовни се и сите дејствија и донесени акти преземени од сега починатиот Дарко Димовски.
„Кога вие ќе утврдите ништовност на неговата промена, се враќаме во поранешната состојба. Претседателот доаѓа на својата функција и врши ревизија на сето што е понатаму направено, а тоа по став 2 јасно го кажува судот, велејќи дека се утврдува ништовност и на сите дејствија и донесени акти после 2017“, изјави Митрески.
Адвокатот Сашко Станинов на прес-конференцијата рече дека ќе повикаат Државната ревизија да направат длабинска стручна ревизија, да се утврдат недоследности, а сите донесени одлуки од нелегитимно избраните раководства, ќе подлежат на верификација на легално избраниот синдикат.
Митрески вели дека следен негов чекор ќе биде да се врати во синдикатот и да изврши консолидација. За актуелниот претседател на ССМ Слободан Трендафилов вели дека има тотално непознавање и не знае да води синдикална организација.

Тој посочи дека пресудата не се однесува на лично на починатиот Дарко Димовски, туку на функцијата.
Митрески беше претседател на ССМ до 2017 година кога го наследи Дарко Димовски, а по неговата смрт, за нов претседател на ССМ беше избран Слободан Трендафилов кој сега ја извршува функцијата претседател на ССМ.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, денеска на прес-конференција посочи дека оваа пресуда е втора иако Апелациониот суд минатата година ја укинал првичната пресуда со цел да се утврди дали има правен основ за водење на постапка против починато лице.
„Жалосно е што поединци во судството денеска судат на починат човек. Оваа пресуда е втора во низа иако беше укината од страна на Апелациониот суд минатата година со една намера – да се утврди дали има правен интерес за водење на постапка против поранешен претседател на ССМ, кој денес не е меѓу нас. За жал, повеќе од три години откако тој не е со нас, тие водат постапки обидувајќи се да докажат дека тој не е повеќе претседател на ССМ. Сметаме дека жалбата којашто е поднесена во текот на вчерашниот ден повторно ќе биде прифатена од страна на Апелациониот суд кој уште еднаш ќе утврди дека Основниот суд не постапил по неговите напаствија. Тоа што е клучно е дека согласно меѓународните конвенции на МОТ, синдикатите имаат целосна слобода да ги креираат статутите, актите и документи и да вршат избор на луѓето кои ќе бидат нивни претставници“, истакна Трендафилов.

Посочи дека од 2017 година одржани се конгреси и во 2020 и 2023 година и дека доколку сакал Митрески можел да се кандидира.
„За жал, не го сторил тоа. Ако некој смета дека во Македонија може да се поставуваат членови односно претседатели по желба на неколкумина, се лаже затоа што денеска браниме човек кој не може да се брани сам, денеска ваквата пресуда не може да му ја врачат на човекот. Жалосно е што сега се обидуваат и по институционален пат да го замолчат ССМ затоа што протестираме и бараме зголемување на платите. Сакам да укажам дека во целиот период во кој Дарко Димовски беше претседател, непречено ја извршуваше функцијата. Тој е човекот кој заедно со работниците се избори за недела неработен ден, кој организираше генерален штрајк во јавниот сектор, кој се избори минималната плата да се зголеми од 15.000 на 18.000 денари. Дали сега сакаат да им го земат тоа на работниците? Дали сметајќи дека ништовен ќе биде Дарко Димовски, ништовен ќе биде и ССМ се до 2016 година, а денеска сме 2026 година“, рече Трендафилов.
На денешната прес-конференција, Трендафилов информираше дека согласно одлуките донесени на највисоките тела на синдикатот, годинава Меѓународниот ден на трудот ќе биде одбележан со протест под мотото „Се бориме за зголемување на платите, а не се молиме“. Протестот ќе почне во 11 часот пред Работничкиот дом, а со него повторно ќе се бара зголемување на минималната плата и на сите останати плати.