Тупанчевски: Никој нема да е поштеден од одговорност по претресот во затворот „Идризово“

„Никој нема да биде поштеден од одговорност по спроведената координирана акција на повеќе институции во Казнено поправната установа-КПУ „Идризово“ каде биле претресувани 25 ќелии и се пронајдени мобилни, ножеви и дрога“. Ова денеска на прес-конференција го соопшти министерот за правда – Никола Тупанчевски.

Тој заедно со директорот на Управата за извршување на санкции – Марјан Спасовски информираа за акцијата која била спроведена вчера наутро во 6 часот од страна на четири институции. При претресите биле пронајдени поголема сума на парични средства од законски дозволените кои осудените лица можат да ги поседуваат во различни валути, 50-тина мобилни телефони, компјутерска галантерија, 37 ножеви и повеќе други остри предмети, дрога во прашкаста, течна состојба и таблетки.

„Резултатите од акцијата, првичните резултати се навистина дека се направи добра проценка и уште еднаш се реагираше на начин на којшто всушност би требало да биде, како во иднина треба да се реагира доколку се појават такви девијантни однесувања. Се разбира никој нема да биде поштеден од одговорност. Се работи за количина на мобилни телефони, ладно оружје итн. Без оглед на се, зборуваме за затворска популација или зборуваме за казнено поправна установа од затворен тип. Само по себе пред се тоа подразбира одговорност, не станува збор за некаква дисциплинска повреда и не се работи за некоја лесна форма на криминалитет, самото по себе тоа подразбира дека одговорност треба да има. Меѓутоа сепак да го оставиме тоа да го завршат институциите коишто се надлежни“ – Тупанчевски.

Од Комитетот за превенција за заштита од тортура, при Советот на Европа пред 10 дена биле во посета на нашата земја и констатирале дека не се најсјајни условите во Казнено поправните установи во државава

„Укажувањата на Комитетот за заштита на превенција меѓу другото беше дека практично треба да се интервенира во делот Казнено поправните установи каде што имаат конкретни укажувања дека меѓудругите интервенции или корекциите што треба да бидат направени, е во делот каде што може слободно да наречеме се работи за менаџирање на затворите, затворскиот менаџмент каде што укажувањето беше или сугестијата во таа насока дека има одредени лица коишто се именувани , а не ги исполнуват условите да бидат на таа позиција“ – рече Тупанчевски.

Спасовски, пак, нагласи дека направен е неселективен претрес во повеќе одделенија во 25 простори на затворот и дека се уште постојат индиции дека има мобилни телефони.

„Ние редовно, на редовно ниво се вршат претреси на одредени ќелии, меѓутоа станува збор за најголем затвор и не е можно во една акција да бидат опфатени сите ќелии, истакна  Спасовски.