Битиќи: Светската криза не може да нѐ одмине, ама битно е да се спасат семејства!
„Ако францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Франција се наоѓа во состојба на воена економија, јавноста ја интересира како се дефинира македонската економија среде оваа воена криза во Украина која предизвика криза со енергенсите од кои зависи производството, а оттука и граѓаните“ рече во Утрински брифинг, Фатмир Битиќи, вицепремиер за економски прашања.
„Ние не го нарековме ова воена економија, туку рековме дека сме во тешка економска сотуација затоа што сме извозно и увозно зависна земја. Ако ова може да им се случува на Франција или Германија, не може да се очекува кризата да ја одмине Македонија како мала економија. Војната во Украина сѐ уште трае и не се знае кога ќе престане. Кризата со гасот кулминира“ – вели тој.
За наглото зголемување на цените по завршувањето на мораториумот наложен од Владата за основните прехранбени производи, Битиќи вели дека по неговата изјава во јавноста дека се случува неоправдано, вештачко зголемување на цените и откако инспекциите беа пуштени на терен, цените се вратија или стагнираат, па се чини дека помага покажувањето со прст на одреден факт и неморално однесување.
„Во време на криза не можеш да се однесуваш како воен профитер, а знаеме како завршуваат воени профители. Јас не влијаам и не интервенирам на слободниот пазар, но апелирам на моралните вредности на стопанствениците кои треба да ја имаат предвид општата ситуација“ – вели Битиќи.
Битиќи вели дека ребалансот на буџетот е нужен и сите мерки што се преземаат треба да бидат во функција на помош на граѓаните.