Кирил Лазаров со реакција на прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ

„Најостро ги осудувам сите форми на насилство, рекет и криминални активности и ги повикувам институциите да ги расчистат сите дилеми.

Без разлика дали тоа се вработени во НИКОБ или во политичката партија ВМРО ДПМНЕ, институциите да пристапат кон активности кои овој период се актуелни во јавноста и да ги проверат индициите дека во одредени општини под контрола на ВМРО ДПМНЕ се врши класичен рекет. Исто така, институциите да превземат мерки по допрен глас каде што еден скопски градоначалник обвини за рекет на стопанственици.

Ги отфрлам сите обиди на опозициската партија ВМРО ДПМНЕ, да направи приказна и еквиваленција на луѓе кои сториле кривично дело и компанијата НИКОБ. Кој се погрешил пред законот нека си одговара и никој не смее и не може да биде заштитен без разлика каде остварувал работен ангажман. На, пример не е важно дали си бил раководител, генерален секратар во Влада или во ВМРО ДПМНЕ, принципот нека биде ист за секого и за секоја функција.

Малциозен е обидот на ВМРО ДПМНЕ постојано да го нарушува угледот на компанијата НИКОБ која постои повеќе од 25 години и е најголем работодавец со домашен капитал во Македонија.

Очекувам ВМРО- ДПМНЕ да има исти пристап и принципи кон сите оние кои го прекршиле законот, вклучувајќи ги и нивните бројни високо позиционирани партиски членови кои се осомничени и обвинети за криминал.

Како компанија имаме добиено тендери кои се јавно објавени по сите законски прописи, но никогаш не по принципот на омилената агенција на ВМРО ДПМНЕ, во која се увери цела јавност од т.н бомбите дека вистинските сопственици беа директори на служби и земаа тендери по мобилен телефон.

Ги повикувам ВМРО ДПМНЕ да го посети легалното седиште на компанијата НИКОБ, кое е во наша сопственост и е дом на многу вработени семејства, купено на кредит со капитал кој е јавно објавен и никогаш не бил осомничен од било која институција. Нашето седиште не е во процес на одземање заради криминали од милионски размери, и секако не е дувло на криминални шеми“ се вели во реакцијата објавена на Фејсбук на сопственикот на НИКОБ – Кирил Лазаров.