Арсовска: Жените имаат поголема емотивна интелигенција од мажите!

На панел дискусија на тема „Поттикнување на женското лидерство и женското учество во политиката и демократијата“ денеска учествуваа жени лидерки од земјава, но и од Европа.

Професорката и пратеничка – Гордана Силјановска Давкова истакна колку е важна поддршката на самите жени и нивната солидарност за сопствен успех и успех на општеството како и подобрувањето на правата на жените.

„Ние имаме право на сопствен политички простор и треба да се атакува на највисоки функции, не само машката, туку и женската солидарност е битна. Инфантилно е да се каже дека мажот е добар политичар, а ние жените да мораме да се докажуваме. Проблемот не е само овде туку е европски. Според мене клучната борба е во политиката. Многу често институциите се суспендирани од моќни поединци“ – рече професорката.

Градоначалничката на Град Скопје – Данела Арсовска истакна дека жените можат да водат за да имаме поголем раст и развој на општеството. Според неа жените имаат поголема емотивна интелигенција од мажите, имаат поголем еволуциски процес затоа што поминуваат низ повеќе фази во животот.

„Во Град Скопје имаме и заменик градоначалник жена која би можела да ме замени. Затоа сметам дека треба да си даваме поддршка една на друга“, додаде Арсовска.

Пратеничката Жаклина Пешевска истакна дека во земјава има 43 пратенички со тоа можеме да се пофалиме дека сме водечка држава во Европа по застапеност на жени.

„Анализите велат дека ако има повеќе жени ќе се промени перцепцијата која носи поголеми придобивки во општеството и поголема демократска и социјална слобода. Со мажите мораме да бидеме партнери, а не противници“ вели таа.