Секое домаќинство само ќе си пресмета колку струја потрошило

„Потрошувачката во период на важење на евтина струја нема да влезе во блок тарифите по новиот тарифник. Ќе ги примаме сите забелешки, се заблагодарувам на сите граѓани и експерти кои јавно настапуваат и даваат сугестии и предлози. Во наредниот период ќе обрнеме внимание на предлозите и забелешките“.

Ова денеска го изјави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски.

Регулаторна комисија објави калкулатор за граѓаните и тие самите ќе можат да проверат колку трошат и плаќаат сега за струја, а колку ќе плаќаат за истата потрошувачка кога плаќањето ќе биде по блокови.

„Имаше доста дилеми во јавноста, на најголем дел ќе излеземе во пресрет. Со овој тарифен систем не можат да се решат сите проблеми“ – рече Бислимоски.

Повисоки сметки за струја ќе плаќаат оние кои трошат над 420 киловат часови електрична енергија во висока тарифа. Бислимовски посочи дека проблемите мора да се ублажат, имајќи предвид дека сме енергетски сиромашна земја.

„Нафта немаме, природен гас немаме, имаме хидроенергија, од која зависиме од Господ“ – посочи тој.

Професорот Рубин Талевски од ФЕИТ повтори дека најголем дел од домаќинствата месечно трошат од 300 до 700 киловат часови електрична енергија во зимскиот период, а нешто помалку во летниот период, а само еден процент трошат повеќе од 3.000 киловат часови.

Притоа со новиот вид на тарифирање, како што додаде, 93 отсто од потрошувачите ќе бидат во првата и втората блок тарифа, односно трошат до 210 или од 211 до 420 киловат часови електрична енергија и за нив струјата ќе биде поевтина или во рамки на сегашната цена.

Во третиот блок со потрошувачка од 521 до 630 киловат часови се 4 отсто од домаќинствата, а во четвртиот со потрошувачка од над 630 киловат часови електрична енергија се 3 отсто од потрошувачите.

За нив цената ќе биде повисока.