Викендов се урнал плафонот од гипс картон во градинката „Мајски цвет” во населбата Тафталиџе 2 во Општина Карпош.
Градоначалникот на Карпош – Стевчо Јакимовски утринава беше на увид во просториите на градинката.
„Ја утврдуваме причината, најверојатно се работи за технички проблем. Веројатно олуците не биле исчистени поради што дошло до нивно запушување. Имајќи предвид дека станува збор за скриен покрив, водата прелила преку олукот врз изолацијата која натежнала на плафонот од просторијата кој е изработен од гипс картон“ – изјави градоначалникот Јакимовски.
При увидот биле забележани и технички пропусти при градбата на објектот.
Градоначалникот побара да се проверат проектите, понудата и завршните ситуации по што ќе бидат објавени дополнителни информации во врска со случајот.