Бесими: Ребалансот треба да ја задржи стабилноста и да ги поддржи граѓаните!

„Со предлог-ребаланс на буџетот треба да се постигнат две основни цели. Прво, да се одржи макроекономската стабилност, што е од суштинско значење за понатамошниот раст и развој на секоја економија. Второ, да се поддржи економијата за враќање во претпандемиското ниво, како и одржување на социјалната сигурност на граѓаните“.

Ова го меѓудругото го истакна министерот за финансии Фатмир Бесими во своето експозе на собраниската Комисија за финансирање и буџет.

„Цели кои треба да се постигнат со овој документ е таргетирана поддршка за граѓаните и фирмите за надминување на предизвиците кои ги донесоа новите светски кризи. Ова ќе се постигне преку антикризни мерки, раст на пензиите и минималната плата, раст на поддршката за социјалните категории и раст на субвенциите за земјоделците со цел да се поттикне домашното производство. Понатаму, реализација на амбициозна инвестициона агенда во инфраструктурата од над половина милијарда евра, со цел да се даде поддршка на економскиот раст, во услови на забавување на светската економија и фискална одржливост и зачувување на макроекономската стабилност“ рече Бесими.

Со предлог- ребалансот на буџетот приходите се проектирани на 245,8 милијарди денари и истите се за околу 6,9 милијарди денари повисоки во однос на иницијалните проекции, додека расходите на ниво од 288,5 милијарди денари, или за околу 16 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2022 година.

Тековните трансфери се планирани на ниво од 189,7 милијарди денари или за околу 19 милијарди денари повисоки во однос на планот за 2022 година.

„Тука се планирани средства за антикризни мерки, но и други мерки за таргетирана поддршка за надминување на кризата. Би се осврнал на тоа зошто таргетирана поддршка. Ако првиот пакет на мерки беа општи со цел да успори инфлаторната спирала, следните мерки ќе бидат насочени повеќе кон одредени целни групи кои се најзасегнати од кризата и кои без тие мерки не би можеле да ги надминат овие ефекти. Ова е впрочем и препораката на меѓународните финансиски институции, како ММФ и Светска банка, но и на Европската унија – да се делува со мерките кон целни категории“ – рече Бесими.

Во ребалансот предвидени се 4,7 милијарди денари дополнителна финансиска поддршка за заштита на стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите во услови на продолжена криза на светскиот пазар на енергенси и примарни производи.