
Амбасадорот Габер до министерот Николоски: „Не откажувајте се од тунелот кај Гостивар. Тој се гради еднаш во векот“
Поранешниот амбасадор Виктор Габер во отворено обраќање до Александар Николоски побара министерот за транспорт да не се откажува од тунелот на автопатот Гостивар – Букојчани, затоа што вакви објекти се градат „еднаш во векот“. И дека тој градителски потфат ќе остане забележан во развојот на Македонија.
Поранешниот амбасадор Виктор Габер во отворено обраќање до Александар Николоски побара министерот за транспорт да не се откажува од тунелот на автопатот Гостивар – Букојчани, затоа што вакви објекти се градат „еднаш во векот“. И дека тој градителски потфат ќе остане забележан во развојот на Македонија.
Габер во отвореното обраќање вели дека македонските граѓани „храбро ќе го поднесат“ овој економски товар затоа што ќе остане печат за иднината
Во обраќањето до Николоски Габер вели:
„Почитуван г-дине Николоски, го забележав Вашиот ангажман околу изградбата на автопатот Гостивар – Букојчани и објаснувањето за промена на првобитната траса со избегнување на пробивање на тунел проектиран во должина од 5,3 километри.
Јас не сум градежен инжинер или геодет, но ќе ми дозволите, како граѓанин на оваа држава да Ве повикам да вложите максимални напори за да дојде до реализација на овој тунел.
Зошто?
Затоа што сметам дека се рабити за значаен, незаменлив дел на овој капитален развоен проект, а Вие токму сега се наоѓате на функцијата и во моментот кога, како што вели големиот писател Џејмс Џојс ‘Не се работи за минатото и иднината – се работи за вечната сегашност’.
Секако дека од денешен аспект, стои Вашето рационално објаснување за висината на трошоците за изградба на овој тунел, но вакви објекти се градат еднаш во векот. Видете ги тунелите последниве години во соседството.
Јас не сум финансиски експерт. Но, со сознанија кои ги имам за овие капитални проекти, на среден и долг рок многукратно се враќаат ваквите инвестиции. На крајот на краиштата не само тунелот туку и нагорниците и надолниците ќе имаат не мала трошковна вредност.
Големата развојна слика за нашата Македонија е во нејзината геостратешка позиција, крстопатот на европските трансверзали број 10 и број 8 што Вие честопати го нагласувате, а што се утврдени уште во 1995 година и во критските докумети на европски визионери и транспортни експерти.
За развојот на татковината, г-не Николовски не е на одмет да се откажеме од дел од нашата денешна живеачка, и во една легална постапка сите да поднесеме вонредни жртви, било како кратење на личните приходи или задолжување на идните корисници на благодети што денес ги создаваме“.
Вицепремиерот Николоски изјави дека разликата со или без тунел била 250 милиони евра и дека Македонија во овој момент ги немала тие средства. „Имајќи предвид дека километар тунел е 50 милиони евра, не може да влезам во проект којшто утре нема да може да го плаќаме“, рече тој во интервју за „360 степени“.