Рама на Твитер за „шегата“ од Солун: Кафанска кавга меѓу чадор од ќофтиња!

По објавата на снимката од Солун каде албанскиот премиер Еди Рама се шегува на сметка на македонскиот премиер Димитар Ковачевски уште синоќа од неговиот кабинет објаснија дека изјавата била неформална и дека тој всушност користел сарказам и иронија. Денеска и самиот на Твитер ја дообјаснува намерата:

„Да се смее и или да се плаче на хистеријата на некои во Скопје кон премиерот Ковачевски, по објавувањето на видеото од ракувањето со канцеларот Шолц во Солун, каде ја иронизирав грдата блокада на Северна Македонија од Бугарија! Кафанска кавга меѓу чадор од ќофтиња“ – напиша албанскиот премиер на Твитер.

Сепак, во домашната јавност не стивнуваат реакциите по објавата на снимката.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и понатаму бара оставка од премиерот бидејќи смета дека однесувањето на Ковачевски е скандалозно и меѓународно ја омаловажува државата. Време е за избори – порача потретседателот на партијата Мисајлоски.

„Што има за смеење и радување господине Ковачевски? Ако вака понизно и со измеќарски пристап реагирате на јавни омаловажувања и понижувања на Република Македонија, тогаш е јасно дека вие немате кредибилитет и авторитет во меѓународните односи да ги застапувате и штитите македонските национални и државни интереси. Оваа вчерашна сцена само ја соголи вистинската слика за целиот сјај на бедотијата со која се води нашата дипломатија“ – рече Владо Мисајловски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.