Во организација на „Лесја Украинка“ – здружението на Украинците во земјава денеска беше организиран мирен протест во Скопје против руската воена агресија врз Украина.
Протестот започна во 12 часот на детското игралиште зад Универзална сала, а заврши пред амбасадата на Руската Федерација во Скопје.
Со транспаренти и илустрации протестантите ја искажаа загриженоста за случувањата во нивната татковина и побараа Русија да престане со агресијата.
„Руската војска уби 236 деца во Украина“ – пишуваше на еден од транспарентите кои ги држеа децата. Пред Руската амбасада во Скопје беа изложени написите „Терорусија“, „Го поддржуваш Путин = убиваш деца“, „Украина под напад“.
Од „Лејса Украинка“ посочија дека протестот се организира за да потсетат на злосторствата извршени врз Украина и на одземените невини животи, вклучително и на децата.
Руската воена агресија врз Украина започна на 24. февруари и трае повеќе од три месеци.