
Македонските работници се кренаа на нозе, огромен протест во Скопје
„Ќе ве ставиме на тест, ќе гласате за себе наспроти луѓето кои ве гласаат вас, или ќе гласате за луѓето кои со нивниот глас ви го овозможуваат вашиот луксуз“, рече Трендафилов. Доколку не, како што додаде, ќе дојдат други пратеници кои ќе гласаат за работниците ќе ги зголемуваат работничките плати, а „вие ќе стоите од оваа страна на зградата, заедно со нас и ќе не поддржувате за да ви се зголеми вашата плата“.
Протестот за поголеми плати на работниците, во организација на Сојузот на синдикати започна попладнево како што беше најавено од пред Работничкиот дом. Учесниците на протестот на овој начин го изразуваат своето незадоволство од висината на платите и бараат зголемување од најмалку 6.000 денари, за минималната да се искачи на 600 евра.
На протестот, како што велат очевидци има неколку илјади луѓе, а забележливо е и присуството на полицијата. Сообраќајот во центарот на Скопје е целосно парализиран.
Со повиците „Уа“, „Лопови“ и слично, присутните најпрво застанаа пред Собранието каде што упатени пораки до пратениците кои одбиваат да расправаат за платите на работниците.
„Ќе следуваат блокади, ќе следува генерален штрајк и ќе следува тоа што вас најмногу ќе ве боли“, изјави претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, порачувајќи дека ќе соберат 10 илјади потписи со кои ќе станат овластен предлагач и ќе бараат за 80 отсто да се намалат платите на функционерите и да се зголеми минималната плата на 600 евра и за најмалку 6.000 денари да другите плати.
„Ќе ве ставиме на тест, ќе гласате за себе наспроти луѓето кои ве гласаат вас, или ќе гласате за луѓето кои со нивниот глас ви го овозможуваат вашиот луксуз“, рече Трендафилов.
Доколку не, како што додаде, ќе дојдат други пратеници кои ќе гласаат за работниците ќе ги зголемуваат работничките плати, а „вие ќе стоите од оваа страна на зградата, заедно со нас и ќе не поддржувате за да ви се зголеми вашата плата“.
„Нема да се откажеме, нема да дозволиме да си играте со работничката судбина, со работничката мака и со работничката пот од чии даноци земате плата. Ако не ја зголемите минималната плата и другите плати, доаѓаме по вашите плати“, изјави Трендафилов.
Следна станица беше Стопанската комора на Македонија, каде што беа упатени пораки до бизнисмените, кои прво беа „поздравени“ со громогласно „Уаа“.
„Ние ќе бидеме тука сѐ додека не си ја обезбедиме платата. Тука сме денес, ќе бидеме утре и секој нареден ден, додека не ја постигнеме целта, а тоа е нашето барање од 600 евра минимална плата и зголемување на сите плати за најмалку 6.000 денари“, порачаа од Синдикатот.
Говорниците посочија дека за само една година трошоците за живот се зголемија за 6 илјади денари, благодарение на, како што рекоа, лошите политики и нефер трговци кои што ги оставија работниците со празни трпези пред најголемите празници.
„Фала им на газдите што пола Македонија си отиде, што сме биле непродуктивни. Тие се многу продуктивни од мерцедеси, поршиња и вили во Грција“, беше посочено од протестот.
„Не сме ни роботи, ни машини туку луѓе што храниме семејства. Сакаме конечно да ја вреднуваат нашата работа и труд, сакаме здрави и безбедни услови за работа, сакаме плата достоинствена за жиовот, а не милостина“, беше нагласено пред зградата на Стопанската комора.
Барањата на работниците, како што порачаа од ССМ, од утре ќе бидат уште погласни, затоа што овој протест е само почеток.
„Ќе блокираме и улици, институции и ќе донесеме одлука за генерален штрајк, прв пат во историјата на Македонија во приватен сектор“, порачаа тие.
Од пред Владата, каде што беше последната „станица“, присутните на протестот порачаа дека нив денеска не ги собрала политиката, туку маката. Пораката, очигледно, беше наменета за премиерот Христијан Мицкоски, кој вчера рече дека зад протестите на сидикалците стои политиката.
„Не собра неправдата, не собра сиромаштијата, не собраа платите кои не стигаат ни до дессетти во месецот, празните фрижидери и цените во маркетите. Не собра минималната синдикална кошница што изнесува 65 илјади денари која никој не може да си ја приушти на најниски цени во маркетите. Ете тоа не собра денеска овде. Ниту политика, ниту политички партии, туку работниците и желбата за добар живот, да останеме во оваа држава“, истакна првиот човек на УПОЗ, Трпе Деаноски.
Тој додаде дека вчера, а и денес рабрал дека поради него, со УПОЗ не бил потпишан колективен договор за да се покачеле платите во администрацијата за 40 отсто за две години.
„После година дена преговори вчера најдовте ова да го кажете? Да сакавте нешто да дадете до сега ќе потпишевме не еден, туку 200 колективни договори“, рече Деаноски додавајќи дека затоа денес се дојдени по своет, по 600 евра минимална плата и раст на сите останати плати.
„Дојдовме да си го вратиме достоинството, да им кажеме дека тоа се наши пари, а не нивни. Тоа се пари од наш труд и од наша пот“, рече Деаноски упатувајќи и порака до политичарите: „Рацете настрана од работниците и рацете настрана од синдикатите“.
„Мора да истраеме и ќе го добиеме тоа што ни следува“, им рече тој на присутните на протестот.
Инаку, протестот наиде на поддршка од опозициските СДСМ и Левица, додека пак, премиерот Христијан Мицкоски оцени дека има политичка заднина.
Некои синдикалци, како Кристина Ампева од Гласен текстилец, порачаа политичките партии „да ги тргнат канџите“ од протестот.
„Се виде сите партии 30 и кусур години што направија за македонскиот работник, па нејасно ми е како сега уста полна со работниците и нивните плати“, порача Ампева преку социјалните мрежи.
Лидерот на ССМ, Слободан Трендафилов вчера изјави дека овој протест е „за вашите деца, за вашите ќерки, за вашите синови. Овој протест е и за вашите внуки, за вашите внуци, за да ги зачуваме нашите семејства во Македонија и да не ни заминуваат во странство“.
Тој апелираше за што поголема излезност на протестот, бидејќи, како што рече „другите не бројат и другите сметаат дека ако не дојдете им давате огромна поддршка да не ви ја зголемат платата“.
Извор: Независен