(ВИДЕО) Трајановски: Шилегов и Деспотовски напаѓаат со цел „стани ти да седнам јас“

➡Конгресот не може да пропадне или да биде саботиран – тоа е местото каде што се дебатира, а не на социјалните мрежи. ➡Не прифаќам сопартијци да ја напаѓаат партијата со единствена цел: стани ти, за да седнам јас. ➡Излишно е да коментирам поранешни функционери кои добиле сѐ од СДСМ, а сега излегуваат по телевизии и плукаат по партијата. ➡Трпиме повеќе напади од сопартијци отколку од владејачката партија – тоа наметнува сомнеж дека нападите се инструирани.➡ Трпиме линч од провладини медиуми и новинари без етички кодекс. ➡За прв пат во историјата трезорот е затворен на 15 декември – тоа е јасен сигнал за економска криза. ➡Во моментов сме изолирана држава. Отвораме конфликти со сите наши соседи, отвораме конфликт со Грција на затворено прашање, отвораме конфликт со Бугарија, единствено оската ни е движечка и тука се држиме цврсто со претседателот Вучиќ, вели за „Трилинг“ потпретседателот на СДСМ Александар Трајанoвски.

„Фокусирани сме на она на што треба да бидеме фокусирани како раководство, како општински организации, а тоа е претстојниот Конгрес каде што ќе треба да биде претставена новата програма, новиот концепт и да се слушне мислењето на делегатите, да се слушнат позитивните работи, нормално секогаш сме тука и за негативните работи. Мислам дека Конгресот ќе помине во најдобар ред и за тоа се спремаме, вели во интервју за „Трилинг“ Александар Трајанoвски потпретседател на СДСМ.

Прашан околу некои изјави дека Конгресот би можел да пропадне, како и ставовите на Шилегов и Деспотовски каде се најавува можен раздор во партијата, Трајановски го исклучува таквото сценарио.

„Во претходниот период направивме безброј разговори, консултации, сите делегати се искомуницирани. Тврдам дека не ни станува збор за некакво пропаѓање или саботирање на Конгресот. Сите делегати ќе дојдат затоа што таму е местото каде што треба да се дебатира. Треба да се разговара, тоа ќе биде еден отчетен Конгрес за минатите локални избори, така што секој ќе си го каже својот збор. Сметам дека доколку и има некое незадоволство или има несогласување, Конгресот е простор каде што се тоа треба да се рефлектира, прикаже.

-Излегувањата во јавност на претходни наши сопартијци, како што се Шилегов и Деспотовски не би ги коментирал затоа што за мене е излишно да се коментираат наши сопартијци кои бараат оставка на ова раководство, или ја напаѓаат партијата со цел – стани ти да седнам јас. Не го прифаќам тој начин на конверзација и не го прифаќам воопшто тој начин на размена на идеи преку социјални медиуми, напаѓања преку социјални медиуми, или пак излегување по телевизии и плукање по СДСМ.

-Јас се познавам со господинот Шилегов, бил во структурите на СДСМ, бил градоначалник, бил во извршниот одбор до последните парламентарни избори каде што имавме катастрофален резултат, така што одговорноста е сечива, а не само на поединци“, вели Трајановски.

Фото: Трилинг / Александар Трајанoвски

Потпретседателот на СДСМ вели дека не е точно дека одлуките во партијата се носат во најтесен круг.

„Имаме широка дебата, имаме Централен одбор, имаме Извршен одбор, има и несогласувања што е нормално и демократско право“, додава Трајановски.

Прашан дали е точно дека се откажале од од дел поранешните високи функционери како Игор Ивановски, Гордан Георгиев, Костадинов, Трајановски вели дека никој од никого не се откажал.

„Претседателот Филипче има разговарано со сите, така што подадена е рака на секого. Нивно е да одлучат дали се препознаваат во овој концепт или ќе седат на страна. Така што СДСМ не е откажан од никого. Но ние како партија не може да трпиме атак од поранешни функционери кои добиле се од СДСМ и тој атак да остане од нас игнориран. Во еден аспект како партија мора да се заштитиме, но и да дадеме одговор на неаргументирани напади. Ќе го спомнам господинот Јован Деспотовски. Излегуваше по социјални медиуми, го напаѓа претседателот Филипче, раководството дека ја уништува системски партијата, што е апсолутно неточно. Ако некој стварно мислеше дека после онаков пораз на парламентарните избори во кои беа дел сите, а и господинот Деспотовски како функционер, ќе освоиме голем број на општини, тогаш за мене е политички лаик, вели Трајановски.

Фото: Трилинг / Александар Трајанoвски

Прашан на што ги темелат тврдењата дека Шилегов и Деспотовски се продолжена рака и одработуваат за ВМРО-ДПМНЕ, Трајановски вели дека минатиов период трпат повеќе напади од сопартијци отколку од владејачката партија.

„Само по себе се наметнува дека гол дел од тие напади може да се и инструирани. Јас не кажувам со 100% сигурност дека тоа е така, но по се што гледаме како се одвива, како медиумите ги пренесуваат тие напади, особено провладините медиуми, ќе видите дека можеби има некоја симбиоза што искрено не сакам ни да поверувам дека е така, затоа што јас тргнувајќи од себе лично, со целиот кредибилитет, никогаш не би ја нападнал партијата која ми овозможила во еден период од животот да бидам тоа што сум“, вели Трајановски.

За тоа каква е улогата на Бранко Црвенковски денеска во СДСМ, Трајановски вели дека поранешниот претседател на партијата моментално нема никакви контакти со раководството.

Околу отворениот фонт против медиумите, Трајановски вели дека линчот што го трпат како партија од провладините медиуми, од провладините новинари ја нарушува цела етика.

„Прво се нарушува новинарската етика. Второ, ние сите сме луѓе со фамилии и нон-стоп да бидете нападнати, да ја дефокусирате јавноста со тоа каде бил или кога претседателот на партијата отишол на одмор, мислам дека е дегутантно и мислам дека и на народот тоа веќе на некој начин му станува одвратно. Тоа не води никаде, тоа е еден линч кој се надевам дека ќе изгуби од интерес. Фокусот на провладините медиуми е претседателот Венко Филипче затоа што не испорачуваат ништо. Се се крие зад атакот. Се прави класичен дефокус и ние сме цел на линч. Дали е тоа од провладини медиуми или од новинар сеедно. А сега гледате дека и од наши сопартијци“, смета Трајановски.

Прашан за поводот за средбата Филипче-Ахмети, потпретседателот на СДСМ вели дека било разговарано за распределбата на локалната власт во Гостивар. Сакам да кажам дека ние имаме наша програмска определба, имаме наш концепт и ќе се држиме до него. Факт е дека отсекогаш сме биле плурипотентна политичка партија, во смисла на тоа дека сме биле широко коалиционо ориентирани, така што сметам дека моменталната а и идните коалиции ќе се градат на програмски аспекти. Факт е тоа дека ќе биде интеграцијата во ЕУ.

Фото: Трилинг / Александар Трајанoвски

Околу убеденоста на СДСМ дека власта се спрема за предвремени избори, Трајановски вели дека ако наназад се погледне владеењето на ВМРО-ДПМНЕ ќе се забележи дека ретко кога владееле цел мандат.

„Секогаш на половина се распишувале предвремени избори. Како пракса може да биде и сега, но не мора да значи, но кога ќе видите во каква ситуација е моментално државата, дека се спрема синдикален протест, има закочување кај минималната плата, имате за прв пат затворен трезор на 15 декември, имаме буџетска дупка која е веќе 2 милијарди евра, имаме закочено враќање на ДДВ од 120 до 150 милиони евра по компании, тоа се укажува владата нема да има друг начин и ќе мора да распише предвремени избори доколку сака нешто да промени.

-Ние сме подготвени за предвремени избори. Не би сложил со констатацијата дека сме разединети како партија ако еден, двајца или тројца наши бивши функционери излегле на телевизија и барале оставка од претседателот Венко Филипче со цел они да седнат на тоа место“, вели Трајановски.

Говорејќи околу европскиот пат, Трајановски смета дека суетите треба да се закопаат за државата да оди напред.

„Треба да се разговара, да се отвори една широка дебата, да видиме што може да промени и каде може да бутнеме. Ние во моментов се соочуваме со можност да станеме паралелен играч – значи да не сме внатре во процесот и да одиме спрема ЕУ, туку да бидеме покрај процесите и едноставно Европската унија да изгуби интерес за нас. Тоа е нешто најопасно што може да ни се случи. Во моментов сме изолирана држава. Отвораме конфликти со сите наши соседи, отвораме конфликт со Грција на затворено прашање, отвораме конфликт со Бугарија, единствено оската ни е движечка и тука се држиме цврсто со претседателот Вучиќ. Ние сме тие што треба да форсираме дијалог и со Бугарија, со цел да најдеме заеднички јазик да може да тргнеме напред, да отвораме кластери, да се приближиме до ЕУ“, вели Трајановски.

Целото интервју погледнете го во видеото.