Деспотовски бара јавно извинување од СДСМ, Шилегов најавува „пуч“

Поранешниот функционер на СДСМ, Јован Деспотовски, со остар фејсбук статус реагира на, како што наведува, лагите, манипулациите и внатрепартиските пресметки на актуелното раководство на партијата, предупредувајќи дека ќе преземе и правни чекори доколку не следи јавно извинување.

Поранешниот функционер на СДСМ, Јован Деспотовски, со остар фејсбук статус реагира на, како што наведува, лагите, манипулациите и внатрепартиските пресметки на актуелното раководство на партијата, предупредувајќи дека ќе преземе и правни чекори доколку не следи јавно извинување.

„Мене, но и на секој социјалдемократ кој се вградил во темелите на најстарата партија во Македонија, ни е доста од лагите, конструкциите и манипулациите на сегашното раководство на СДСМ. Единствен одговорен за незадоволство помеѓу членовите на СДСМ е сегашното раководство на партијата. Ниту сметам, а најмалку чувствувам лична одговорност за тоа што поранешни, а и сегашни функционери на партијата веќе јавно коментираат за состојбите во СДСМ и за политиките и одлуките на сегашниот партиски врв.

Никој друг освен сегашното раководство нема одговорност за исклучувањето на партијата од клучните процеси во државата. Од неучеството на средба на лидерите на најголемите партии, што е само дистанцирање од сопствената земја и граѓани. Од инаетењето со клучни законски проекти од значење за безбедноста на граѓаните.

Ова што се случува одамна ја помина секоја границата на внатрепартиска дебата. Станува збор за свесна клевета и политичка хајка, која нанесува штета не само на моето име и интегритет, туку се гази и угледот на партијата. Партија што низ децениите ја градеа илјадници другари, кои сигурно не сонувале дека нашата СДСМ ќе води дневна борба со медиуми и медиумски работници.

Отворањето на внатрешни битки и поделби е политика на сегашното раководство на партијата, кое го применува како метод за опстојување и преживување. Доколку веднаш не следи јавно извинување и повлекување на сите лажни и навредливи наводи во серијата соопштенија, ќе бидам принуден да преземам правни чекори за клевета и лична, а потоа и за континуирано нарушување на угледот на СДСМ. Никој нема право со валкани игри да руши нешто што е создавано со жртва, верба и идеали“, вели Деспотовски.

Вчера и поранешниот градоначалник на Скопје и член на СДСМ, Петре Шилегов побара оставка од актуелното раководство на партијата поради катастрофалните резултати од работењето.

„Да ја сведете поддршката на партијата на само стотина илјади гласови и само 15 пратеници, да станете петта партија во Скопје, трета во Македонија, што е тоа ако не катастрофа? Ќе дојде до определени барања не само од моја страна, туку од сериозна групација во партијата, меѓу кои има и актуелни пратеници, кои исто така немаат никаква комуникација со раководството. Кога ќе излезат од партијата дел од пратениците, можеби половина од пратеничката група, кога дел од општинското раководство ќе ви ги затвори вратите, тогаш ќе сфатите дека мора да си заминете од функција“, рече Шилегов во гостување на Телма.

Тој рече дека е спорна одлуката на претседателот Венко Филипче да не учествува во лидерската средба, што не е одлука донесена од партиските тела, а објаснувањето „не седиме на маса со криминалци“, според него е апсурдно.

Oд СДСМ одговорија дека ВМРО-ДПМНЕ сака да ги сруши преку Шилегов.Велат дека имајќи ги предвид неговите склоности, пороци, приватните слабости и долгови, предавството на Шилегов на сопствената партија и на членовите на СДСМ е очекувано.

Според СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, Шилегов и Деспотовски користат иста реторика, исти техники од кујните и пораките ги шират преку истите провладини портали.

„Координацијата на нападите врз СДСМ веќе на сите им е јасна. ВМРО ја напаѓа СДСМ за лидерската средба. Излегува Шилегов и ја напаѓа СДСМ за лидерската средба, дури употребува „изолирана партија“ односно со иста реторика на Мицкоски. Денеска Депостовски исто така ја напаѓа СДСМ за “неучеството на средба на лидерите на најголемите партии”.ВМРО ја напаѓа СДСМ затоа што бара законска заштита на податоците од системот „Сејф сити“. Деспотовски денеска за истата тема ја напаѓа СДСМ дека се инаети за „клучни законски проекти од значење за безбедноста на граѓаните”. Шилегов во емисија ја напаѓа СДСМ како била донесена одлуката да не се поддржи законското решение за истата тема.ВМРО бара оставка од претседателот Филипче. Шилегов и Деспотовски исто така. Деспотовски и Шилегов немаат ниту еден единствен критички збор упатено за Мицкоски и ВМРО, за нивните криминални тендери, за изолацијата на земјата, ниту пак за некоја владина политика. Ништо.Дали сега има некој што не му е јасно?“, прашуваат од СДСМ.