Генчовска: Инцидентот во Битола нема да ги наруши односите меѓу двете земји!

„Овој инцидентот нема да ги наруши односите, но неговото расчистување ќе биде доказ од С. Македонија дека не се користи насилство и дека е против говорот на омраза. Продолжуваме со многу конструктивниот дијалог. Морав да излезам од средбата со Бујар Османи, сега се враќам пак, продолжуваме. Мислам дека ќе се договориме за нештата кои треба да се завршат од страна на Република Северна Македонија да биде исполнет договорот“.

Ова го порача министерката за надворешни работи на Бугарија – Теодора Генчовска, која го прекина состанокот во Скопје и замина за Битола за самата да види какви се оштетувањата на Културниот центар „Иван Михајлов“.

Шефицата на бугарската дипломатија на прашање дали ќе го кренат ветото за почеток на пристапните преговори со ЕУ во јуни рече дека тоа зависи од Македонија и од европските партнери.

Прашана дали по инцидентот размислуваат да го променат името на културниот клуб во Битола затоа што македонскиот народ името на Иван Михајлов го доживува како провокација, таа одговори дека центарот одамна ги носи тоа име и воопшто не станува збор за да се промени.

Изрази уверување дека македонските служби ќе го откријат потпалувачот на клубот во Битола и ќе го казнат.

„Како што ме увери началникот на битолската полиција, преземени се сите мерки и во најскоро време ќе следат резултати. Се надевам на конечни резултати за да има конечна пресуда за извршителот“ – додаде Генчовска.