Петков и Ковачевски да кажат: Бугарите не се фашисти, а Македонците не се Бугари!

Евгениј Дајнов – бугарски универзитетски професор и политиколог вели дека не знае што сака Бугарија од Македонија кога е во прашање ветото за преговори со ЕУ, бидејќи тоа не е нејзин интерес, туку на кругови во Бугарија кои и служат на руската политика на Балканот.  

Дајнов во интервју за „Дојче веле“ вели дека не сфаќа што подразбираат бугарските националисти кога зборуваат за македонизам и се сомнева дека ова е некаква примитивна идеолошка конструкција за стигматизирање на „непријателите“. 

„Многу барања што доаѓаат од Бугарија се провокација, како на пример барањето за бришење текстови на споменици во Македонија или ставањето фусноти дека македонскиот е дијалект на бугарскиот јазик“ вели професорот кој потенцира дека не е експерт за Македонија, но знае што се случува во Бугарија и дека „бомба“ била поставена уште во 1992 година, кога Софија ја призна Македонија, но не ги призна нацијата и јазикот. 

„Уште тогаш стана јасно дека во ова непризнавање е поставена „бомба“. Владата на Иван Костов се обиде да ги деактивира овие бомби со Декларацијата од 1999 година со потенцирање добрососедство. Во 2017 година, додека се шминкаше како про-европеец, прорускиот популист Бојко Борисов ги вметна главните точки од Декларацијата во Договорот со РСМ. Во 2020 година стана јасно дека ВМРО нема да може да влезе во Народното собрание и поддржана од ГЕРБ на Борисов, одлучи да ги мобилизира националистичките гласачи со ставање вето на РСМ поради „антибугарско“ однесување“ – вели Дајнов. 

Сепак, според професорот, има решение со што ќе им се олесни на македонскиот и бугарскиот народ да ослободат од националистичката омраза. 

„За почеток би било добро ако двајцата премиери на заедничка средба едноставно кажат: Бугарите не се фашисти, а Македонците не се Бугари“ – вели тој.