
Специјалниот суд во Тирана ја потврди одлуката за вицепремиерка Балуку
Судското тело на Специјалниот суд против корупција и организиран криминал, по повеќе од четири часа сослушување ја остави непроменета одлуката за албанската вицепремиерка и министерка за инфраструктура и енергетика Белина Балуку и двајца директори на јавни претпријатија
Судското тело на Специјалниот суд против корупција и организиран криминал, по повеќе од четири часа сослушување ја остави непроменета одлуката за албанската вицепремиерка и министерка за инфраструктура и енергетика Белина Балуку и двајца директори на јавни претпријатија.
– По сослушувањето за злоупотреба на тендерите за тунелот „Логораса“ и „Големиот надвозник во Тирана“, судот одлучи да останат во сила двете безбедносни мерки за Балуку – „суспендирање на вршењето на должноста и функцијата“ и „забрана за напуштање на земјата“.
Специјалното обвинителство ги истражува двата тендера вредни 210 милиони евра.
Во истото досие осомничени се и Ералд Елези, директор на албанската електро корпорација, КЕШ и Гентиан Ѓули, прв човек на државната Агенција за патишта, на кои им е одредена мерка „куќен притвор“.
Пред два дена судот одлучи да ја суспендира вицепремиерката Балуку од нејзините должности, тврдејќи дека таа, заедно со двајцата директори, може да уништи докази.
И при влегувањето и по излегувањето од судот, Балуку одби да даде изјава за медиумите.
Како што вчера најави премиерот Еди Рама, Владата испрати барање до Уставниот суд против одлуката за суспензија на вицепремиерката од функцијата. Тој одлуката ја нарече брутален чин на мешање во независноста на извршната власт и уникатен пример во светот.