(ВИДЕО) Трилинг: Системски пропусти, европска и финансиска неизвесност

➡Брисел констатира системски слабост. Кои се причините за застојот? Зошто Македонија остана на дното во Западен Балкан? Чувствува ли одговорност министерот за европски прашања Муртезани за стагнацијата? ➡Како е можно Македонија да е понапред од Албанија во ситуација кога оваа земја го отвори последниот кластер со ЕУ, а ние уште немаме ниту едно поглавје отворено? ➡Постигнат ли е договор меѓу коалиционите партнери за реконструкција на Владата? ➡Интервју со Орхан Муртезани министер за европски прашања. ➡Во каква финансиска кондиција е Пензискиот фонд? Дали и за колку ќе се зголемат пензиите и постои ли опасност од идната година да нема редовна исплата на пензиите? ➡На овие и други прашања, интервју со директорот на ПИОМ, Никола Мемов. ➡Со оперскиот уметник Игор Дурловски разговараме за 25 години творештво со неговата сопруга и оперска дива Ана Дурловски, но одговара и на прашања поврзани со упадот во Собранието. ➡Во рубриката „Знаење што менува“, Дејан Вакански Со 24 години професионално искуство и повеќе од 14 години како Microsoft Certified Trainer во Семос Едукација, тој е човекот кој стои зад развојот на клучни системи што ја модернизирале работата на институциите и компаниите во Македонија.

Почна судскиот процес против 38 обвинети за пожарот во импровизираната дискотека Пулс во која животот го изгубија 63 млади луѓе.

Кочанчаните, новинарот Горан Лефков, актерката Наталија Теодосиева радилогот д-р Константин Коцев со свои видувања за најголемата трагедија.

Брисел констатира системски слабост. Кои се причините за застојот? Зошто Македонија остана на дното во Западен Балкан? Чувствува ли одговорност министерот за европски прашања Муртезани за стагнацијата? Како е можно Македонија да е понапред од Албанија во ситуација кога оваа земја го отвори последниот кластер со ЕУ, а ние уште немаме ниту едно поглавје отворено?

Постигнат ли е договор меѓу коалиционите партнери за реконструкција на Владата? Интервју со Орхан Муртезани министер за европски прашања.

Фото: Трилинг / Орхан Муртезани

„Извештајот на ЕК којшто се објавува секоја година е една објективна диоптрија преку која земјите кандидати можат да го гледаат текот и или напредокот во реформите. Така што за мене како министер за европски прашања тоа е еден објективен извештај којшто на земјите кандидати им посочува како се движат реформите, каде има, а каде нема унапредување и што треба да се преземе за да се елиминира таквата ситуација.

-Мислам дека извештајот што го добивме оваа година е речиси стандарден извештај од тие што ги добиваме последните три-четири години, со тоа што во одредени поглавја претежно во делот на владеењето на правото се евидентира одредена стагнација.

-Не би се согласил со констатацијата дека не позиционира извештајот на дното на регионот и земјите кандидати, бидејќи во тој случај ќе требаше да имаме уназадување во реформите. Ние можеби треба да ги бараме причините зошто нема унапредување, зошто на некој начин продолжува во текот на реформите статус квото или стоење во место, односно стагнација. Може да збориме за причините и како да ги елиминираме нив, но за мене ова е стандарден од тие што ги добиваме година наназад. Но мислам дека е многу силна порака сите тие реформи коишто ги влечеме години наназад, со оваа политичка сила на владата, конечно да добијат разрешница“, изјави за магазинот „Трилинг“, министерот за европски прашања Орхан Муртезани, прашан за тоа дали се врти искривената слика дека ние всушност сме жртва на непринципиелните политики на Брисел и дека единствена пречка ни е Бугарија или пак Софија ја користиме како алиби за неможноста да направиме значителен исчекор кон интеграциите.

Фото: Трилинг / Орхан Муртезани

Прашан за тоа тоа кога вели дека „извештајот е објективен“ всушност се согласува дека имаме системски слабости во сите области, Муртезани вели дека кога се чита извештајот на ЕК треба да разбереме што е тоа што ни фали за да станеме европска земја.

„Ако извештајот на ЕУ констатира одредени работи во извештајот, тоа значи дека од една идна земја членка не треба да се очекуваат такви работи. Тие слабости, претежно во сите земји кандидати, се дел од системот наследени од претходните системи. Мислам дека правилното адресирање и блиската соработка и довербата во ЕУ треба да бидат фундаментот преку кој ние ќе може да ги надминеме тие слабости или констатации, бидејќи тие констатации ќе може да ги најдете во сите земји кандидати, особени ние коишто сме дел од поранешна Југославија“, вели Муртезани.

За тоа од каде го влечеме ставот дека ние сме далеку, на пример, пред Албанија – која го затвора последниот кластер од дијалогот со Брисел а ние немаме отворено ниту едно поглавје, Муртезани вели дека кумулативно ние сѐ уште сме пред Албанија, меѓутоа тој „гап“ се намалува многу брзо.

„Не знам дали тој „гап“ или таа предност ќе биде присутна уште при следниот извештај на ЕК. Како и да е, мислам дека ова не е натпревар помеѓу земјите кандидати кој пред кого е, туку кој со каква брзина се движи напред. И мислам дека овој извештај треба да ни служи како основа како ние од овие констатации да направиме дополнителна динамика којашто ќе не води напред“, смета Муртезани.

Запрашан дали кога премиерот Мицкоски вели „ние сме далеку пред Албанија на патот кон ЕУ“ создава самозадоволност од типот „ние водиме пред Албанија“ или помалку звучи фрустрирачки – напред сме, но не блокираат, Муртезани со став дека никој не не блокира во спроведувањето на реформите.

„Реформите зависат претежно од нас. Можеби дел од вината може да се најде во реорганизацијата на органите на државната управа. Дел од вината може да се најде во многу големиот фокус многу рано на локалните избори. Сите овие работи влијаат на администрацијата која е клучна при спроведувањето на реформите. Меѓутоа без да бараме кривец или причина јас мислам дека анализата треба да се фокусира на тоа како треба да се забрза процесот на евроинтеграција“, вели Муртезани.

Прашан дали како ресорен министер чувствува одговорност за неповолниот, остар и критичен извештај од Брисел, Муртезани вели дека согласно законските овластувања што ги има министерството и тој како министер е улогата на координација.

„Ние не имплементираме, не спроведуваме реформи и кога ЕК во извештајот ќе нотира дека во одредено поглавје има стагнација или недоволен напредок, тоа не може да се препише на Министерството за европски прашања, бидејќи за сите тие поглавја и процеси има институции коишто се носители.

-Ние со трудиме со нашите можности и лимитирани капацитети да сме во функција на институциите, нашата координација да создаде дополнителна динамика при имплементирањето на реформите, меѓутоа се знае кои институции се носители за кои реформи. Кога се нотираат одредени слабости како и за процесот на проширување на структурата за преговори, тие такви работи може да е поврзат директно со Министерството за европски прашања, а никако целата содржина на извештајот“, вели Муртезани.

Фото: Трилинг / Орхан Муртезани

Говорејќи за решавање на проблемот со Бугарија, поврзан со вметнување на Бугарите во Уставот, Муртезани вели дека Коалицијата ВЛЕН е спремна да ги гласа уставните измени дури и ако се случат утре.

„Но знаете дека за уставните измени да поминат во Собрание потребни се две третини и тоа значи дека без поддршката на ВМРО-ДПМНЕ тој процес нема да може да се заокружи. Но ние сме многу внимателни и од билатерален проблем со соседна Бугарија не сакаме дури и вештачки заради политички цели да создаваме и внатрешни проблеми со меѓуетнички реперкусии. Мислам дека не се наоѓаме во таа фаза ваквата статус кво состојба да создаде внатрешно незадоволство и тензии. Во моментов сите ние треба да сме сплотени на страната на државата, да даваме можност на дијалогот и изнаоѓањето на решение. Сѐ уште сме во почеток на таа фаза. Како што знаете, и премиерот има најавено, дека после новата година ќе следат конкретни чекори за воспоставување на дијалогот со Бугарија коишто треба да резултираат. Тоа значи интензивирање на преговорите за воспоставување на дијалог со Бугарија, бидејќи како што може да следите, сите високи европски претставници се тука да ни помогнат, но ни посочуваат дека тоа тоа да се реши само на билатерален начин со соседна Бугарија“, вели Муртезани.

Прашан дали постои нов предлог во владините редови освен оној предлог – уставни измени со одложено дејство, Муртезани вели дека постојат писти на размислување.

„Ова се комуницира многу блиску и со ЕК, со високи претставници на ЕУ, со земјите членки, меѓутоа првиот чекор мора да е воспоставување на дијалогот, бидејќи како што знаете ние со соседна Бугарија скоро да немаме воопшто дијалог и ваквата атмосфера оневозможува ние сега да збориме за потенцијални решенија. Прво треба да се воспостави дијалогот, да почне процесот на градење на доверба и тој процес треба да не однесе до изнаоѓање на решение“, потенцира министерот за европски прашања, Орхан Муртезани.

Околу тоа дали е загрижен кога гледаме дека земјите од опкружувањето итаат кон ЕУ а кај нас младите не ја гледаат перспективата и дали тоа иселување може да ни создаде друга главоболка – да немаме работна сила, со што веќе и се соочуваме, и да не се гледа перспективата во Македонија, Муртезани вели дека тој податок е загрижувачки, бидејќи политичката елита и целокупното општество се обидува да ја води државата напред за да може да им ја остави на младите.

„Ако младите се евро-скептично ориентирани и во најмала рака не очекуваат дека ние некогаш ќе станеме дел од ЕУ, тогаш изгледите се големи младите луѓе да можат директно да се преселат во Европската унија и таму да основаат живот и да даваат придонес. Мислам дека ова треба да ни биде една од работите што треба да константно да ги имаме предвид при градењето на политичките ставови и при нашите проекции во иднина, бидејќи вака како што зборуваат бројките може да ни се случи во иднина младите и населението драстично да ни се намали. Ние гледаме дека трендот на напуштање на земјата колку и да е ублажен сепак не е намален и тој тренд во модерните времиња знае да биде подложен и на одредени политики. Затоа сметам дека тој податок треба сериозно да се сфати и да се има предвид при политичкото делување, вели Муртезани.

Прашан за најавената реконструкција на Владата и спомнувањето на неговото име во контекст на ротација – од министер за европски прашања во заменик министер за одбрана, Муртезани вели дека кога се преземаат одредени функции истите се преземаат врз основа на одреден договор или врз основа на одредени кадровски решенија коишто биле во функција на одреден договор.

„Во моментот колку и да се зборува во јавноста и во медиумскиот простор за такви решенија или такви предлози, нема такви конкретни разговори, ниту пак таков конкретен договор. Тоа што моментално се случува во ВЛЕН, но и во владината коалиција е дискусија околу можните модуси како би можеле одредени работи да се сменат, меѓутоа многу далеку сме од тоа да имаме конкретен предлог како тоа би требало да изгледа“, вели Муртезани.

Околу тоа дали во моментов во владината коалицијата има дијалог околу распределбата на ресорите, Муртезани вели дека има различни гледишта или интерпретации.

Фото: Трилинг / Никола Мемов

„Кога станува збор за пензискиот систем во Република Македонија, многу е битно да бидеме прецизни. Мора да се прецизира на што се однесуваат трансферите што се прават од државата кон Пензискиот фонд. Вкупно за 2025 година планирани се исплати на трансфери од 53 милијарди денари или преведено во евра тоа се отприлика околу 862 милиони евра и тие транзициони трошоци, односно трансфери од владата кон ПИОМ, не се однесуваат само кон исплата на пензиите, туку се и однесуваат и на исплата за здравственото осигурување на пензионерите и за транзициони трошоци кон вториот столб. Така што буџетскиот дефицит во ПИОМ, односно во државата се однесува на овие три основни компоненти.

-Зголемување на пензиите ќе има согласно законот што беше донесен оваа година. Во март месец 2026 година предвидено е зголемување на пензиите од 1 000 денари и исто така законското усогласување коешто треба да се направи во септември 2026 коешто исто така е предвидено помеѓу 3 и 5%“, изјави за магазинот „Трилинг“, директорот на ПИОМ, Никола Мемов, прашан дали ќе има зголемување на пензиите – од кога и за колку.

„Мерката за линеарно зголемување или усогласување на пензиите владата ја донесе на барање на пензионерите. Вкупниот буџет за усогласување на пензиите практично е ист. Разликата е во тоа што сите добиваат линеарно, а практично проекцијата на буџетот за 2025 за усогласувањето беше проектирана на 4%. Вкупниот буџет е ист што се подели кај пензионерите – во висина од 1 000 денари на секој пензионер линеарно и тој се однесува заради ублажување на ценовните шокови, инфлацијата, зголемувањето на платите“, вели Мемов.

Прашан дали кога вели за ублажување на ценовните шокови, растот на цените, животниот стандард, смета дека е доволно зголемувањето на пензиите од 1 000 или 2 000 денари и дали знае во меѓувреме за колку посто се зголемени цените на производите, директорот на ПИОМ вели дека вкупното зголемување на пензиите е 25%.

„Од друга страна, усогласување на пензиите е на ниво помеѓу 4 и 5%. Ова значи дека во Македонија ние имаме социјално-солидарен систем. Разликите кај пензионерите, ова е мое лично размислување, кој колку уплаќал како придонес по основ на работниот стаж, разликите во уплатите завршуваат со денот на изготвувањето на решението за пензија. Вие сте уплаќале повеќе и имате поголема пензија на денот на пензионирањето, јас сум уплаќал помалку во Фондот и имам помала пензија.

-Ова зголемување на пензиите, односно усогласувањето се однесува на намалување на ценовниот шок, разликите во платите и инфлацијата. Инфлацијата или зголемувањето на цените се исти и за вас и за мене. Така што животниот стандард поскапува за сите пензионери подеднакво. Разликите остануваат во делот на денот на изготвувањето на решението за пензија и овој концепт, можам слободно да кажам, е исправен и праведен, затоа што концептот на пензискиот систем во Македонија е социјално-солидарен“, смета Мемов.

Фото: Трилинг / Никола Мемов

Прашан во каква финансиска кондиција е ПИОМ денеска, бидејќи дел од упатените велат дека ако вака продолжи пензии нема да има, Мемов категоричен дека тоа не е точно.

„Исплатата на пензиите ја гарантира владата. За 2026 година предвиден е буџет во ФПИОМ од 152 или 153 милијарди денари. Тоа е скоро половина од вкупните приходи што ги има државата во буџетот за 2026 година. Кога велам дека владата ја гарантира исплатата на пензијата, влада ја гарантира исплатата на покачените пензии. наредната година ќе бидат во март месец со вкупна вредност од 7 000 денари секој месец и за исплата на овие пензии владата за следната година определува 63 милијарди денари трансфери, за да може редовно да се исплаќаат и пензиите, да се исплаќа редовно здравственото осигурување на пензионерите и трансферите кон вториот столб.

Прашан дали ова значи дека во скора иднина не може да се очекува стабилизација на ПИОМ, првиот човек на Фондот вели дека се етаблира отсекот за актуарство со помош и соработка на Светска банка, ќе се направат сите математички модели околу одржливоста на пензискиот систем на долг рок.

„Ова значи дека следната година ПИОМ ќе излезе со сериозна анализа до владата со насоките – во каква ситуација се наоѓа во моментот и кои се перспективите на овој бизнис модел, односно дали е тој одржлив на долг рок.

На директното прашање – во каква состојба во моментов се наоѓа ПИОМ, Мемов вели дека Фондот нема ниту една неплатена фактура кон економските добавувачи, исплатата на пензиите оди тековно.

„Финансиската кондиција на на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување е во одлична состојба“, вели Мемов.

Фото: Трилинг / Никола Мемов

Говорејќи за правото на пензионерите за дополнителна работа, првиот човек на ПИОМ вели дека се размислува за тоа. Работодавачите се расположени да ангажираат пензионери коишто се од различни профили а се дефицитарен кадар.

„Законот овозможува за професорите и докторите до 67 години да работат, но ова повеќе е насочено кон приватниот сектор и работодавачите се расположени ова да го финансираат. Значи пензионерите да добиваат дополнителна плата. На таа плата да бидат плаќани придонеси коишто ќе дојдат на некоја си заедничка сметка во Фондот за пензиско, без да имаат било какво влијание понатаму на висината на пензијата, бидејќи придонесите се уплаќаат на лична сметка, на лично име“, вели Мемов.

Одговарајќи на прашањето нали ПИОМ е легло за партиски кадри, првиот човек на ПИОМ вели дека од пет советници на директорот коишто се на ниво на државни советници, четворица од нив се декларирани поддржувачи на ДУИ.

„Во изминатиот период, кога дојдов минатата година во септември месец, наследив една ситуација каде што имавме дисбаланс на вработените во филијалите низ Македонија. Како пример – во филијалата Тетово во моментов имаме 55 вработени, што значи стопроцентна пополнетост на работните места по основ на систематизацијата. Слична е ситуацијата во Гостивар, Куманово, Дебар, Струга, а за разлика од нив, во Прилеп, Битола, Струмица, Кавадарци, Штип… имавме по пет до шест вработени. Значи ако земете предвид дека ДУИ 20 години управуваше со ПИОМ, одговорот на вашето прашање е – апсолутно да, вели Мемов.

Фото: Трилинг / Никола Мемов

Говорејќи за ставот искажан по локалните избори дека ВЛЕН не допринеле доволно во поддршката Орце Ѓорѓиевски за на градоначалник на Скопје, Мемов вели дека тоа било негово лично мислење, а не на партијата ЗНАМ.

-Учинокот на ЗНАМ, на ВЛЕН и на ВМРО-ДПМНЕ на последните локални избори значеше убедлива победа на владините партнери на овие избори. ЗНАМ на овие избори ги постигна зацртаните политички цели што ги имаше пред изборите. Тоа значеше победа во Куманово. Тоа значеше помеѓу 35 000 и 40 000 гласови на локалните избори во Република Македонија. Советнички места во над 45 општини и стабилизација на своето гласачко тело. Од друга страна, учинокот на ЗНАМ на овие избори, посебно во вториот круг на изборите, со нашата поддршка значеше победа на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ во повеќе од 10 општини, како а како издвоен градоначалник е градоначалникот на Општина Карпош . Така што секој од владините партнери го даде својот учинок во вкупната победа на владините партнери.

-ВМРО-ДПМНЕ ги поддржаа кандидатите на ВЛЕН во Западна Македонија. ВЛЕН и ВМРО-ДПМНЕ ги поддржа кандидатите на ЗНАМ во Куманово и во Центар, а ЗНАМ, таму каде што немаше свој кандидат, ги поддржа кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и кандидатите на ВЛЕН. Учинокот е на сите владини партнери подеднакво битен и практично мојата лична изјава беше да се актуелизира ова прашање. Не беше насочена кон никој против. Во јавноста непотребно се пласира перцепцијата дека има некаков интерен конфликт меѓу ЗНАМ и ВЛЕН и дека на ЗНАМ се препишува некаков предзнак на албанофобство. Само ќе ви дадам пример – шефот на Кабинет на директорот на ПИОМ и шефот на кабинет на градоначалникот на Куманово се Албанци. Наведете ми еден шеф на Кабинет на албански политичар во последните 30 години, каде што најдоверливиот човек, десната рака на функционерот бил од македонска провиниенција“, вели Мемов.

Фото: Трилинг / Игор Дурловски

„Најверојатно заедништвото, посветата, талентот секако нема да го избегнам и најверојатно некоја Виша сила којашто секогаш не водела на вистинскиот пат, секогаш кога сме имале некакви дилеми или раскрсница на патот на каде треба да се оди, од денешна перспектива гледам дека секогаш сме го избирале вистинскиот пат. Значи интуицијата добро не водела“, изјави во магазинот „Трилинг“, оперскиот пејач Игор Дурловски говорејќи за патот и успехот на двоецот – брачен пар Ана и Игор.

Прашан што е она што сака да му го даде на светот како печат како професионалец, но и приватно, Дурловски вели дека секој уметник секогаш се труди да го даде најдоброто од себе.

„Најверојатно чувството дека треба нешто да дадете не е толку силно колку што емоцијата, односно експресијата дека тоа што го работите сте се посветиле и го работите најдобро што можете. Во нашата професија е многу едноставно тоа да се види затоа што е јавна, затоа што сте на отворена сцена и дали денеска ќе имате добар или лош ден ќе го види целата публика којашто е таму. Така што секој уметник којшто застанал да се занимава со јавната функција има сериозна одговорност и за таа одговорност зависи дали ќе ги добие аплаузите или публиката нема да биде толку задоволна“, вели Дурловски.

За тоа што е најважно кога ќе се застане на сцената, оперскиот пејач вели дека секој уметник делува различно.

„Кај мене – пред секој мој настап гледам да бидам еден час комплетно сконцентриран на материјата којашто ја работам таа вечер, морам да ја поминам целата партитура и секако следува распејување, односно загревање на гласот пред секој настап“, вели Дурловски.

Фото: Трилинг / Игор Дурловски

Говорејќи какво е влијанието денес на операта и општо на културата во општествениот живот, Дурловски вели дека со појавувањето на социјалните медиуми, со агресивното делување на социјалните медиуми уметноста е на некој начин загрозена, но успевајќи да ги издржи сите премрежја последниве, барем во оперската уметност – 300, 400 години, верува дека и оваа квази т.н криза на уметноста ќе биде надмината.

-Јас со сопругата долго живеевме во Германија, тој музички театар во Германија се практикува, современи постановки на опери да бидете во тек, во тренд со настаните коишто веќе и кај нас се практикуваат. Еве пред неколку месеци имавме премиера на „Риголето“ со еден одличен италијански тим на режисер, сценограф и диригент, којшто беше еден сериозно модерен пристап кон операта со проекции, со современа режија и не можам да кажам дека веќе и ние не сме во тренд со тој германскиот режи театар“, истакна Дурловски.

„Да се биде национален уметник и амбасадор на културата претставува голема одговорност. Ние многу често знаеме да кажеме како ние се претставуваме во странство, но сепак за мене лично едни од моите најзначајни настапи биле во Македонија. За мене лично Скопската опера, Македонската опера и балет била институцијата којашто прва ми ја дала можноста да застанам на „штиците коишто живот значат“ и секако првата љубов никогаш не се заборава“, вели Дурловски.

Фото: Трилинг / Игор Дурловски

„Крвавиот четврток“

На „Крвавиот четврток“ најмногу искраври Македонија. Се друго беше драма, одлично сценарио кадешто политичарите успеаја одредена група на луѓе да ги стават на место каде што не заслужуваат да бидат, за да притоа уценуваат пратеници и успешно се обидат да процедурата – промена на име ја завршат така како што ја завршија. Во секој случај гледам тажно на тој настан, вели Дурловски и додава дека се чувствува изманипулиран, изигран и злоупотребен од високата политика.

„Мислам дека најголема вина за „27 април“ има човекот кој после тоа имаше некакви бенефиции. А тоа е премиерот после Груевски, Зоран Заев.

-Јас отсекогаш сум бил човек кој позитивно размислува, сум бил оптимист и многу често ние знаеме да го кривиме системот за работите што ни се случуваат. Не велам дека системот не е трул, но многу често не знаеме и да погледаме во нашите постапки. Не може да очекувате дека некој друг ќе се однесува како налага системот, а ние многу често знаеме да ги кршиме тие правила. Така што можеби менталитетот и кај македонскиот народ е таков да секогаш гледаме да го најдеме поедноставниот начин, да го најдеме пократкиот пат. Сметам дека за еден систем да функционира сите ние треба да придонесуваме, иако главни и одговорни се тие коишто системот го организираат“, вели Дурловски.

Фото: Трилинг / Игор Дурловски

Изјавата на судијката Добрила Кацарска каде што вели дека можеби ја донела најтешката одлука со тоа што дала ослободителна пресуда за Игор Дурловски, оперскиот пејач вели дека самата изјава таква каква што е дадена е скандалозна.

„Уште поскандалозно е затоа што е дадена додека немав правосилна пресуда и тоа во тој период го сметав како влијание. Судија којшто бил дел од тој процес да даде таква изјава е во најмала рака скандалозна. Не гледам зошто би требало за човек за којшто немате докази, да имате тешко чувство да дадете ослободителна пресуда, но гледајќи каква беше пресудата за останатите, сметам дека човек којшто изиграл таква улога во тој период, нема проблеми да даде таква скандалозна изјава. Најмалку е скандалозна изјавата кај госпоѓата Кацарска“, потенцира Дурловски.

Тој вели дека иако во одреден период беше пратеник во македонското Собрание, нема полички амбиции и смета дека во државава треба секој да го работи тоа што најдобро го знае.

„Јас мислев дека во тој период можам да помогнам со моето делување, направив тоа што можев. Се повлеков и сметам дека мојот најдобар придонес во ова општество ќе биде таму кај што сега сум, на сцената и треба да го правам тоа што најдобро го знам – пеењето“, вели Дурловски.

Фото: Трилинг / Дејан Вакански

Со добра анализа на податоци не го гледаме само она што се случило… туку и она што допрва ќе се случи. Податоците ја предвидуваат иднината многу пред да ја почувствуваме.

Во светот каде што податоците креираат иднина, Дејан Вакански, сертифициран тренер по Microsoft во Семос Едукација, е архитект на трансформацијата.

Со 24 години професионално искуство и повеќе од 14 години како Microsoft Certified Trainer, тој е човекот кој стои зад развојот на клучни системи што ја модернизирале работата на институциите и компаниите во Македонија.

За него, податоците не се бројки.

Тие се приказни, можности и решенија.

Таму каде што Data Science и вештачката интелигенција се спојуваат – таму е Дејан.

Во „Трилинг“ тој зборува за моќта на анализата на податоците, за тоа како компаниите можат да носат попаметни одлуки, побрзи реакции и подобри резултати – и како секој бизнис може да извлече вредност од податоците што веќе ги има.

Целото издание на магазинот „Трилинг“ погледнете го во видеото