(ВИДЕО) Муртезани за Извештајот на ЕК: Не сме на дното, но стагнираме во реформите; Бугарија не е алиби

➡Извештајот што го добивме оваа година во одредени поглавја претежно во делот на владеењето на правото се евидентира одредена стагнација. ➡Тие слабости, претежно во сите земји кандидати, се дел од системот наследени од претходните системи. Мислам дека правилното адресирање и блиската соработка и довербата во ЕУ треба да бидат фундаментот преку кој ние ќе може да ги надминеме тие слабости или констатации. ➡Реформите зависат претежно од нас. Можеби дел од вината може да се најде во реорганизацијата на органите на државната управа. ➡Коалицијата ВЛЕН е спремна да ги гласа уставните измени дури и ако се случат утре. ➡Кога се преземаат одредени функции истите се преземаат врз основа на одреден договор или врз основа на одредени кадровски решенија коишто биле во функција на одреден договор. ➡Тоа што моментално се случува во ВЛЕН, но и во владината коалиција е дискусија околу можните модуси на реконструкцијата, како би можеле одредени работи да се сменат, меѓутоа многу далеку сме од тоа да имаме конкретен предлог како тоа би требало да изгледа“, вели Муртезани.

„Извештајот на ЕК којшто се објавува секоја година е една објективна диоптрија преку која земјите кандидати можат да го гледаат текот и или напредокот во реформите. Така што за мене како министер за европски прашања тоа е еден објективен извештај којшто на земјите кандидати им посочува како се движат реформите, каде има, а каде нема унапредување и што треба да се преземе за да се елиминира таквата ситуација.

-Мислам дека извештајот што го добивме оваа година е речиси стандарден извештај од тие што ги добиваме последните три-четири години, со тоа што во одредени поглавја претежно во делот на владеењето на правото се евидентира одредена стагнација.

-Не би се согласил со констатацијата дека не позиционира извештајот на дното на регионот и земјите кандидати, бидејќи во тој случај ќе требаше да имаме уназадување во реформите. Ние можеби треба да ги бараме причините зошто нема унапредување, зошто на некој начин продолжува во текот на реформите статус квото или стоење во место, односно стагнација. Може да збориме за причините и како да ги елиминираме нив, но за мене ова е стандарден од тие што ги добиваме година наназад. Но мислам дека е многу силна порака сите тие реформи коишто ги влечеме години наназад, со оваа политичка сила на владата, конечно да добијат разрешница“, изјави за магазинот „Трилинг“, министерот за европски прашања Орхан Муртезани, прашан за тоа дали се врти искривената слика дека ние всушност сме жртва на непринципиелните политики на Брисел и дека единствена пречка ни е Бугарија или пак Софија ја користиме како алиби за неможноста да направиме значителен исчекор кон интеграциите.

Фото: Трилинг / Орхан Муртезани

Прашан за тоа тоа кога вели дека „извештајот е објективен“ всушност се согласува дека имаме системски слабости во сите области, Муртезани вели дека кога се чита извештајот на ЕК треба да разбереме што е тоа што ни фали за да станеме европска земја.

„Ако извештајот на ЕУ констатира одредени работи во извештајот, тоа значи дека од една идна земја членка не треба да се очекуваат такви работи. Тие слабости, претежно во сите земји кандидати, се дел од системот наследени од претходните системи. Мислам дека правилното адресирање и блиската соработка и довербата во ЕУ треба да бидат фундаментот преку кој ние ќе може да ги надминеме тие слабости или констатации, бидејќи тие констатации ќе може да ги најдете во сите земји кандидати, особени ние коишто сме дел од поранешна Југославија“, вели Муртезани.

За тоа од каде го влечеме ставот дека ние сме далеку, на пример, пред Албанија – која го затвора последниот кластер од дијалогот со Брисел а ние немаме отворено ниту едно поглавје, Муртезани вели дека кумулативно ние сѐ уште сме пред Албанија, меѓутоа тој „гап“ се намалува многу брзо.

„Не знам дали тој „гап“ или таа предност ќе биде присутна уште при следниот извештај на ЕК. Како и да е, мислам дека ова не е натпревар помеѓу земјите кандидати кој пред кого е, туку кој со каква брзина се движи напред. И мислам дека овој извештај треба да ни служи како основа како ние од овие констатации да направиме дополнителна динамика којашто ќе не води напред“, смета Муртезани.

Запрашан дали кога премиерот Мицкоски вели „ние сме далеку пред Албанија на патот кон ЕУ“ создава самозадоволност од типот „ние водиме пред Албанија“ или помалку звучи фрустрирачки – напред сме, но не блокираат, Муртезани со став дека никој не не блокира во спроведувањето на реформите.

„Реформите зависат претежно од нас. Можеби дел од вината може да се најде во реорганизацијата на органите на државната управа. Дел од вината може да се најде во многу големиот фокус многу рано на локалните избори. Сите овие работи влијаат на администрацијата која е клучна при спроведувањето на реформите. Меѓутоа без да бараме кривец или причина јас мислам дека анализата треба да се фокусира на тоа како треба да се забрза процесот на евроинтеграција“, вели Муртезани.

Прашан дали како ресорен министер чувствува одговорност за неповолниот, остар и критичен извештај од Брисел, Муртезани вели дека согласно законските овластувања што ги има министерството и тој како министер е улогата на координација.

„Ние не имплементираме, не спроведуваме реформи и кога ЕК во извештајот ќе нотира дека во одредено поглавје има стагнација или недоволен напредок, тоа не може да се препише на Министерството за европски прашања, бидејќи за сите тие поглавја и процеси има институции коишто се носители.

-Ние со трудиме со нашите можности и лимитирани капацитети да сме во функција на институциите, нашата координација да создаде дополнителна динамика при имплементирањето на реформите, меѓутоа се знае кои институции се носители за кои реформи. Кога се нотираат одредени слабости како и за процесот на проширување на структурата за преговори, тие такви работи може да е поврзат директно со Министерството за европски прашања, а никако целата содржина на извештајот“, вели Муртезани.

Фото: Трилинг / Орхан Муртезани

За тоа дека за Албанија и Црна Гора веќе се зборат и години за прием, а Македонија се става во група со БиХ, Косово и Србија, а за потсетување во деведесеттите прво бевме во групата со Словенија, Хрватска, Муртезани вели дека не е сеедно да гледаме како нашите соседи кои беа далеку позади нас се движат напред со многу голема брзина и многу скоро ќе не претекнат.

„Мислам дека тоа е процес на една подлабока анализа и историска перспектива. Мислам дека кај нас таквите (фрустрирачки) појави се присутни бидејќи процесот трае премногу долго и во тој процес се соочуваме со многу чести препреки и тоа ја зголемува дозата на скептицизам дека во иднина процесот би можел да се одвива со иста брзина како Албанија, но јас сметам дека ова може да се надмине само со препознавање на моментот, со директен дијалог секако, и со многу доверба во ЕУ. Без овој триаголник ние нема да може да го фатиме чекорот како што се движи Албанија и Црна Гора напред“, смета Муртезани.

Говорејќи за решавање на проблемот со Бугарија, поврзан со вметнување на Бугарите во Уставот, Муртезани вели дека Коалицијата ВЛЕН е спремна да ги гласа уставните измени дури и ако се случат утре.

„Но знаете дека за уставните измени да поминат во Собрание потребни се две третини и тоа значи дека без поддршката на ВМРО-ДПМНЕ тој процес нема да може да се заокружи. Но ние сме многу внимателни и од билатерален проблем со соседна Бугарија не сакаме дури и вештачки заради политички цели да создаваме и внатрешни проблеми со меѓуетнички реперкусии. Мислам дека не се наоѓаме во таа фаза ваквата статус кво состојба да создаде внатрешно незадоволство и тензии. Во моментов сите ние треба да сме сплотени на страната на државата, да даваме можност на дијалогот и изнаоѓањето на решение. Сѐ уште сме во почеток на таа фаза. Како што знаете, и премиерот има најавено, дека после новата година ќе следат конкретни чекори за воспоставување на дијалогот со Бугарија коишто треба да резултираат. Тоа значи интензивирање на преговорите за воспоставување на дијалог со Бугарија, бидејќи како што може да следите, сите високи европски претставници се тука да ни помогнат, но ни посочуваат дека тоа тоа да се реши само на билатерален начин со соседна Бугарија“, вели Муртезани.

Прашан дали постои нов предлог во владините редови освен оној предлог – уставни измени со одложено дејство, Муртезани вели дека постојат писти на размислување.

„Ова се комуницира многу блиску и со ЕК, со високи претставници на ЕУ, со земјите членки, меѓутоа првиот чекор мора да е воспоставување на дијалогот, бидејќи како што знаете ние со соседна Бугарија скоро да немаме воопшто дијалог и ваквата атмосфера оневозможува ние сега да збориме за потенцијални решенија. Прво треба да се воспостави дијалогот, да почне процесот на градење на доверба и тој процес треба да не однесе до изнаоѓање на решение“, потенцира министерот за европски прашања, Орхан Муртезани.

Околу тоа дали е загрижен кога гледаме дека земјите од опкружувањето итаат кон ЕУ а кај нас младите не ја гледаат перспективата и дали тоа иселување може да ни создаде друга главоболка – да немаме работна сила, со што веќе и се соочуваме, и да не се гледа перспективата во Македонија, Муртезани вели дека тој податок е загрижувачки, бидејќи политичката елита и целокупното општество се обидува да ја води државата напред за да може да им ја остави на младите.

„Ако младите се евро-скептично ориентирани и во најмала рака не очекуваат дека ние некогаш ќе станеме дел од ЕУ, тогаш изгледите се големи младите луѓе да можат директно да се преселат во Европската унија и таму да основаат живот и да даваат придонес. Мислам дека ова треба да ни биде една од работите што треба да константно да ги имаме предвид при градењето на политичките ставови и при нашите проекции во иднина, бидејќи вака како што зборуваат бројките може да ни се случи во иднина младите и населението драстично да ни се намали. Ние гледаме дека трендот на напуштање на земјата колку и да е ублажен сепак не е намален и тој тренд во модерните времиња знае да биде подложен и на одредени политики. Затоа сметам дека тој податок треба сериозно да се сфати и да се има предвид при политичкото делување, вели Муртезани.

Фото: Трилинг / Орхан Муртезани

Прашан за најавената реконструкција на Владата и спомнувањето на неговото име во контекст на ротација – од министер за европски прашања во заменик министер за одбрана, Муртезани вели дека кога се преземаат одредени функции истите се преземаат врз основа на одреден договор или врз основа на одредени кадровски решенија коишто биле во функција на одреден договор.

„Во моментот колку и да се зборува во јавноста и во медиумскиот простор за такви решенија или такви предлози, нема такви конкретни разговори, ниту пак таков конкретен договор. Тоа што моментално се случува во ВЛЕН, но и во владината коалиција е дискусија околу можните модуси како би можеле одредени работи да се сменат, меѓутоа многу далеку сме од тоа да имаме конкретен предлог како тоа би требало да изгледа“, вели Муртезани.

Околу тоа дали во моментов во владината коалицијата има дијалог околу распределбата на ресорите, Муртезани вели дека има различни гледишта или интерпретации.

„Што се однесува од страната на ВЛЕН, спојувањето на двете функции во една и разделувањето може да биде природно и не би претставувало никаков проблем. Нормално дека нашиот коалиционен партнер ВМРО-ДПМНЕ има различно мислење по однос на тоа прашање. Овие работи сѐ уште се дискутираат и немаат конкретен епилог дали во тој случај ВЛЕН би имал седум претставници во владата или во склоп на овие шест претставници што ги имаме моментално треба да има одредени рокади. Тоа останува да се види во иднина, меѓутоа тој процес, како што ги гледам динамиките, нема да биде така брз.

-Мислам дека постојат две гледишта. Првото е брзо да се пополни местото на министер за животна средина, каде што проблемот е помал и второто е, актуелниот наш пратеник Беким Сали да стане прв вице-премиер. Ова е договорено во ВЛЕН уште пред изборите. Но модусот како Сали ќе стане прв вице-премиер уште не е дефиниран. Ова е првото гледиште. Второто гледиште е да помине конгресот и новогодишните празници и после да може да се планира малку поширока реконструкција. Помеѓу овие два предлога сѐ уште нема конкретен став дали ќе се оди по првото решение или сепак ќе се чека за второто“, вели Муртезани.

Целото интервју со министерот за европски прашања Орхан Муртезани погледнете го во видеото.