Социјалистичката партија во Албанија вчера одлучи кандидат за претседател на државата да биде Бајрам Бегај, актуелен началник на Генералштабот на вооружените сили на Албанија.
„Се согласивме дека ПС во овој момент треба на Албанците да им даде претседател кој нема политичка кариера, човек со посебни квалитети каков што заслужуваат граѓаните. Тој е избран меѓу 26 можни кандидати“ – рече по седницата Еди Рама – лидер на ПС и актуелен премиер на земјата.
Бегај за началник на ГШ на вооружените сили на Албанија беше назначен 2020 година. Пред тоа бил командант на неколку армиски сектори.
Роден е на 20 март 1967 година во Рогожина. Дипломирал на медицинскиот факултет, посетувал многу обуки во земјата, САД и во Грција. Оженет е и е татко да две деца.
Гласањето за претседател во албанскиот парламент ќе биде денеска на пленарна седница закажана за 18 часот.
Инаку премиерот Рама синоќа во неговиот кабинет го прими Бегај.
„Денеска имавме многу долга дискусија во Претседателството на Социјалистичката партија, со многу кандидатури и на крај се договоривме дека вие сте вистинската личност за нормализирање на институцијата претседател. Ви благодариме што не не одбивте, а вашата согласност ќе ни биде чест да ви го дадеме гласот и официјално да бидете избрани за претседател“ – изјавил Рама на средбата .
Генерал Бегај ветил дека ќе се обиде да биде вистинскиот човек кој достоинствено ќе ја претставува функцијата, зашто и професијата од каде доаѓа бара дисциплина и посветеност.
Генерал Бегај ќе бие осмиот претседател на Албанија, по падот на комунизмот, а втор висок армиски старешина на оваа функција, по Алфред Мојсиу (2002-2007).