„Проблемот што се случува е што имаме Влада која што води веќе подолг период надворешна политика без никаков фокус и без можност за да се постигнат резултати кои што постојано ја ставаат Република Македонија во подредена позиција. И тука е нашата грижа за капацитетот на оваа Влада да прифати решение по секоја цена“.
Ова меѓудругото на тв Сител го изјави Тимчо Муцунски – потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој посочи дека времето ќе покаже што Владата ќе прифати или нема да прифати бидејќи Влада предводена од оваа иста политичка партија во минатото исто така ја убедуваше македонската јавност дека не е подготвена да прифати одредени промени, но потоа истите ги прифати.
„И проблемот од другата страна го имате во Софија, која што прави една генерациска грешка и неправда врз Македонија. Наштетува на регионалниот безбедносен интерес, и со овие чекори кои што ги приредува на секојдневна основа, онаа агресивна и безобразна надворешна политика само работи на влошување не меѓучовечките односи помеѓу двете нации. И не прави ништо за да се подобри деловната соработка, инфраструктурната соработка. Што значи дека проблем имаме сериозен и во тоа што во Софија се нема слух и разбирање за што е регионален интерес, што е национален интерес и на Република Македонија и на Република Бугарија“ – рече Муцунски.
Тој укажа дека во овој момент е умрен песимист дека може да се дојде до било какво решение бидејќи смета дека и од двете страни нема капацитет за рационален разговор.
„И затоа ние го правиме тоа што можеме да го направиме барем во Република Македонија, да гарантираме стабилен пат напред со Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, која што ќе знае да воспостави стратегија која што ќе постигнува резултати во надворешната политика, која што ќе гради доби односи и билатерално и мултитерално ниво, и која што ќе ја застапува Македонија како што таа заслужува да биде застапена“ – нагласи Муцунски.