Во Гевгелија третпат се одржа инклузивната трка „Run Together“

Целта на организаторите е подигање на свеста за лицата со попреченост, за нивните права, и за нивна целосна вклученост во општеството и секојдневниот живот.

Во Гевгелија денеска по третпат се одржа трката „Run Together“ (’Трчаме заедно‘) – трка на солидарноста, пријателството и инклузијата, како што нагласуваат организаторите.

Рутата е долга еден километар, а трката почна во 12:30 часот. Подоцна дента се одржаа и четири детски трки, а утре треба да се одржат уште две трки – од пет и 10 километри.

Фондацијата „Ице Бегов“, една од организаторите на настанот, е крстена по Ице Бегов – младо момче со попреченост од Гевгелија, кое починало за време на корона-пандемијата. Тој, со својата посебна енергија, сакал секој во неговото присуство да се почуствува среќен, мирен и спокоен, а пак, следејќи ја неговата хуманост, ведар дух и добрина, се вели, Фондацијата ја продолжува неговата мисија.

Целта на организаторите е подигање на свеста за лицата со попреченост, за нивните права, и за нивна целосна вклученост во општеството и секојдневниот живот.

За многумина, ова не е само трка – ова е празник на хуманоста, емпатијата и заедништвото, велат организаторите.

Настанот е организиран во соработка со Атлетски клуб „7 Ноември“ – Гевгелија и со поддршка на Општина Гевгелија и спонзорите. Според Фејсбук-страниците на Фондацијата „Ице Бегов“ и АК „7 Ноември“, во трката се пријавиле 800 лица со и без попреченост.