(ГАЛЕРИЈА) Пораки од „Маршот за ангелите“: Моето дете беше убиено од систем кој не штити туку убива. Колку детски животи треба да згаснат за да се разбудите

Со паролите „Моето дете беше убиено од систем кој не штити туку убива“ и „Колку детски животи треба да згаснат за да се разбудите?“ неколку илјади граѓани го започнаа  „Маршот за ангелите“ – протестен марш во знак на почит кон 63-те млади луѓе кои го загубија животот во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Со паролите „Моето дете беше убиено од систем кој не штити туку убива“ и „Колку детски животи треба да згаснат за да се разбудите?“ неколку илјади граѓани го започнаа  „Маршот за ангелите“ – протестен марш во знак на почит кон 63-те млади луѓе кои го загубија животот во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Маршот започна точно во 12:05 часот на плоштадот „Македонија“, од каде учесниците ќе се упатат кон Собранието, а завршницата ќе биде пред Основниот кривичен суд.

Ова е прв марш во главниот град организиран од граѓанските иницијативи „Кој е следен!“ и „16 Март 2025“, по неколкунеделните саботни собири што ги организираа родителите во Кочани. Нивната порака и натаму силно одекнува: „Не сакаме милост, туку вистина и правда. Болката е наша, но борбата е за сите. Ни треба вашата поддршка“. Родителите се надеваат на масовно присуство, нагласувајќи дека нема да се откажат сè додека не се утврди целосна одговорност за трагедијата.

Организаторите претходно порачаа – „Дојдете и бидете со нас. Секоја поддршка значи сила, секој човек е важен. Да застанеме заедно и да покажеме дека болката не нè скршила, а борбата за вистинска правда продолжува.“

Во меѓувреме, Кривичниот суд, Обвинителството и Адвокатската комора најавија дека ќе преземат сите неопходни мерки за непречено и ефикасно спроведување на судењето за случајот „Пулс“, во кој загинаа 63 лица, а околу 200 беа повредени.

Првото рочиште е закажано за 19 ноември. Според обвинението, за тешки кривични дела против јавната безбедност се товарат 34 физички и 3 правни лица. Судењето ќе го води тим од околу 15 обвинители, соопшти државниот обвинител Љупчо Коцевски.

Повеќе фотографии во галеријата

Извор: Трн