Професори од Бугарија ќе го бранат ставот на Софија кон Скопје во ЕП

Наредната недела во Европскиот парламент во Стразбур бугарски професори, историчари и лингвисти ќе ја заштитуваат бугарската позиција во преговорите со С. Македонија. Ќе се обидат да им објаснат на европратениците дека почеток на преговори на Македонија со ЕУ е можен само откако таа земја ќе ги исполни сите услови што ги бара Бугарија, пишува бугарски „24 часа“.

Според информациите, во бугарската делегација во Брисел ќе бидат археологот Николај Овчаров, историчарот Пламен Павлов и филологот Ана Кочева.

Овие тројца професори заедно со група интелектуалци во Бугарија ја промовираа платформата „Национален круг ‘За Македонија'”.

Според нив, целта на платформата е тврда одбрана на бугарската Рамковна позиција и Декларацијата на 44-тото Народно собрание, во однос на евроинтеграцијата на РСМ.

Тие велат дека немаат ништо против интеграцијата на Македонија во ЕУ, но само низ условите зад кои стои Бугарија.

Ставовите на професорите кои од понеделник ќе настапуваат во Европскиот парламент се совпаѓаат со тезите на бугарскиот претседател, Румен Радев, кој по посета на Берлин од 16. мај, порача: „Не треба да дозволуваме легитимација на македонизмот и на идеологии од поранешна Југославија и Коминтерната, да си најдат место во ЕУ”.