Андоновски: Има петнаесет кривични пријави поднесени од Министерството за дигитална трансформација, пет се во судска постапка

Не снимавме апсења, не правиме притисок врз соработници на Венко Филипче. Секој предмет се обработува со издржани аргументи и факти и завршува со судски одлуки. Фали динамика кај судството и Обвинителството, но борбата против корупција започнува од сопствениот двор“, нагласи Андоновски при гостувањето во во емисијата Клик Плус на ТВ21.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, во гостување во емисијата Клик Плус на ТВ21 истакна дека Министерството активно работи на откривање и процесуирање злоупотреби, поднесувајќи вкупно петнаесет кривични пријави.

„Во Министерството имав случаи на злоупотреби од претходни раководства, и сметав дека е потребно да повикаме на одговорност. Пет од тие пријави веќе се во судска постапка, што значи дека Обвинителството ги процесираше со вештачења, анализи и документи. Дел се уште чекаат да започне постапката“, рече Андоновски.

Министерот додаде дека методологијата на работа е систематска и без политички притисоци.

„Не снимавме апсења, не правиме притисок врз соработници на Венко Филипче. Секој предмет се обработува со издржани аргументи и факти и завршува со судски одлуки. Фали динамика кај судството и Обвинителството, но борбата против корупција започнува од сопствениот двор“, нагласи Андоновски.

Тој исто така појасни дека паузите во ИПАРД фондовите се резултат на внимателна анализа на Министерството за финансии и Владата за евентуални злоупотреби, а не блокади, со цел процесот да продолжи со сигурност и транспарентност.

Министерот истакна и дека по добиената апсолутна власт од ВМРО-ДПМНЕ, растат и обврските на партијата.

„Сега одговорноста е само на ВМРО-ДПМНЕ. Граѓаните за поплаки имаат само едно име и презиме“, нагласи Андоновски, додавајќи дека ова бара дополнителна реформа и осовременување на партијата.

Тој посочи дека партиите кои сакаат да ја задржат власта мораат постојано да се обновуваат, како кадровски, така и програмски.

„Не може да останете исти засекогаш. Затоа е добар овој Конгрес за да ги исцрта параметрите за следниот мандат и за следните осум години во кои ВМРО-ДПМНЕ ќе функционира и сум сигурен ќе ја води државата“, додаде министерот.

Андоновски истакна дека Конгресот, закажан на почетокот на декември, ќе донесе свежина, енергија и нови идеи кои ќе ја зацврстат партијата и нејзината способност да одговори на потребите на граѓаните.