Пукање во САД: Три лица убиени пред црква, две лица ранети на гробишта

Маж со пиштол уби две жени на паркинг на црква во американската сојузна држава Ајова, а потоа се самоуби, а во второто пукање две лица се ранети на гробишта во Висконсин, пренесува Ројтерс.

Пукањето во Ајова се случило во четвртокот, пред црквата Корнерстон, фундаменталистичка христијанска црква, додека траела богослужбата, а кога полицијата пристигнала на местото на настанот, пронашла тројца мртви, соопшти канцеларијата на шерифот.

Во меѓувреме, во второто пукање во четвртокот, две лица се ранети на гробишта во Висконсин кога напаѓач испукал повеќе истрели кон луѓето кои присуствувале на погреб, соопшти полицијата.

Едната жртва била пренесена во локалната болница и пуштена, а другата е префрлена во болница со сериозни повреди, изјави претставник на полицијата, истакнувајќи дека таа сѐ уште трага по напаѓачот.

Соединетите Американски Држави беа потресени од масовни престрелки во последните недели во кои загинаа 10 Афроамериканци во северниот дел на Њујорк, 19 деца и двајца учители во Тексас и двајца лекари, рецепционер и пациент во Оклахома.

Американскиот претседател Џо Бајден вчера го повика Конгресот да го забрани офанзивното оружје, да ги заостри процедурите за лиценцирање и да спроведе други мерки за контрола на оружјето за да се реши проблемот со масовните престрелки, јавува Ројтерс.