Германската владејачка коалиција и водечката опозициска група ги расчистија преостанатите спорни прашања пред гласањето за промена на уставот.
Собранието во петок ќе одлучува за формирање фонд за модернизација на армијата, за што е неопходно да се смени највисокиот правен акт на државата.
Лидерот на владејачките социјалдемократи, Ларс Клингбејл, ја очекува потребната двотретинска поддршка во двата законодавни домови – Бундестагот и Бундесратот. Така треба да заживее фондот од 100 милијарди евра што канцеларот Олаф Шолц го најави кога почна војната во Украина.
„Уставот, претпоставувам, ќе се промени утре“, рече Клингбејл во четвртокот. А промената на уставот е неопходна затоа што фондот треба да се финансира исклучиво со кредити. Владејачките партии немаат двотретинско мнозинство, па затоа беше неопходна поддршката од партиите на Христијанско-демократската унија (ЦДУ/ЦСУ).
Клингбејл истакна дека Унијата ветила поддршка и дека лидерот на парламентарната група на демохристијаните Фридрих Мерц не сака никакви „игри“ на броење гласови.
Се надевам дека утре огромно мнозинство ќе гласа за измена на уставот“, рече тој и нагласи дека сѐ уште се работи за зајакнување на националната безбедност. Претставниците на владејачките партии и Унијата во средата навечер ги решија сите отворени прашања – каде и како да се фрлаат милијарди во Бундесверот.