Столтенберг по средбата со Бајден: Да се подготвиме за исцрпувачка војна во Украина!

„Западните земји треба да се подготват за долга `исцрпувачка војна` во Украина“.

Ова е ставот на првиот човек на НАТО – Јенс Столтенберг искажан по разговорите во Белата куќа со американскиот претседател – Џо Бајден.

„Само треба да бидеме подготвени на долги патеки. Бидејќи она што го гледаме е дека оваа војна сега стана исцрпувачка војна“ – рече Столтенберг.

Тој рече дека Украинците „плаќаат висока цена за одбрана на сопствената земја на бојното поле, но исто така гледаме дека Русија има големи жртви“.

Повтори дека НАТО не сака да влезе во директна конфронтација со Русија.

„Повеќето војни, најверојатно и оваа војна, во некоја фаза ќе завршат на преговарачка маса, но она што го знаеме е дека она што се случува околу преговарачката маса е многу тесно поврзано со ситуацијата на теренот, на бојното поле“ – рече Столтенберг.

Прашан дали Украина е под притисок од Западот да прифати загуба на територии со цел да се преговара за мир рече дека „не е наше да одлучуваме или да имаме цврсти мислења што Украина треба да прифати или да не прифати“.