„Не треба да има загриженост дека постои некаков документ во којшто се прифатени барања само на една страна“.
Ова меѓудругото го рече премиерот Димитар Ковачевски денеска на Канал 5 на прашањето колку сме блиску до изнаоѓање на заедничко прифатливо решение со Бугарија во контекст на заложбите на претседателот Макрон за време на претседателствувањето на Франција да се направи исчекор во однос на проширувањето на ЕУ.
„Се спомнува и преговарачката рамка, но преговарачката рамка е мултилатерален документ којшто го одобруваат сите земји членки на ЕУ и кој што, на крај и ние треба да го одобриме. Тоа е документ во однос на кој најголемиот дел од европските држави не дозволуваат билатерализација на рамката со оглед на тоа што рамката претставува преговори со ЕУ и усогласување, односно пат на кој една држава се интегрира во ЕУ“ – рече Ковачевски.
За изјавата на Макрон и претседателот на Европскиот совет – Шарл Мишел, за создавање Европска политичка заедница во кој би влегле сите европски држави кои не се членки на ЕУ, Ковачевски смета дека овој предлог повеќе би се однесувал на држави кои што треба да ги исполнат критериумите во однос на отпочнување на процесот за интеграција во ЕУ како Украина, Молдавија, Грузија.
„Ние практично имаме процес кој е дефиниран токму на предлог на претседателот Макрон за пристапување кон ЕУ преку кластеризација на поглавјата. Само за илустрација, ние имаме веќе усогласено 45% од нашето законодавство со ЕУ. Доколку ја погледнете споредбата на нашата усогласеност и хармонизираност со европската легислатива визави држави од соседството кои преговараат и по 10 години, ние имаме поголема усогласеност со европската легислатива. Ги имаме исполнето сите услови во однос на отпочнување на преговорите, по прашање на усогласеноста и поставеноста на институциите, за позитивните извештаи. Од наша страна се имаме направено” вели Ковачевски.
Тој подвлече дека позициите на нашата земја се договорени во декларацијата која што ја изгласа Собранието и која што ја поддржаа сите политички партии и дека тоа се позициите до кои што Владата се придржува во разговорите со Бугарија.