Откако не се договорија со Владата за линеарно зголемување на платите за 2.806 денари, утре ССМ ќе донесе одлука за генерален штрајк, изјави попладнево претседателот на ССМ – Дарко Димовски по двочасовната средба во Владата.
Првиот синдикалец рече дека владините претсавници имале одговор за се, само не за главното – за линеарно зголемување на платите за 2.806 денари.
„Бараме итно зголемување на платите. Ценовните шокови и двоцифрената инфлација ни даваат право да бараме усогласување на платите веднаш, бидејќи веќе не се издржува“ – рече Димовски и помалку иронично дополни „ова повеќе не се издржува и разочарани сме од преговорите со владините претставници. Ни понудија само кафе и вода“.
Тој најави дека утре ќе заседаваат највисоките тела на ССМ и се очекува да биде донесена одлука за стапување во генерален штрајк.
Синдикатот бараше средба со премиерот, вицепремиерот за економски прашања и со министрите за финансии и за труд и социјална политика откако по презентирањето на ребалансот на Буџетот видоа дека не се планирани средства за ова нивно барање како што им било ветено за време на преговорите.