Се разбудивме со поскапи цени на храната и горивата, ќе преземат ли нешто надлежните?

Поскапе цените на основните продукти, горивата забележаа уште еден скок на цената, а дали ќе се преземе нешто за да се ублажи овој удар врз граѓаните?

Предлог решенија и мерки стигнаа од Владата но и од опозицијата.

– Владата со новиот ребаланс на буџет, продолжува со силната грижа за граѓаните и во најкраток рок ќе излезе со антикризни мерки кои ќе бидат потаргетирани, како што всушност се и последните препораки на меѓународните финансиски институции – ММФ и Светска Банка, ЕУ и експертската јавност. Ова значи дека истите ќе бидат насочени кон ранливите категории на граѓани и стопанството, кон оние на кои им се најпотребни, соопшти вчера владината Прес-служба.

Оттаму дополнуваат:

„Со одговорно однесување на сите субјекти, ќе ја надминеме и оваа криза, како што ја надминавме најголемата економска криза предизвикана од КОВИД-19 пандемијата. Од посебна важност е да не се потклекнува на лажните информации кои предизвикуваат притисок на пазарот и на инфлаторните движења. Дезинформациите, без разлика од кого доаѓаат, вклучително и одредени политички партии, не користат никому, бидејќи само поттикнуваат дополнително продолжување на кризата“.

Од друга страна најголемата опозиција партија ВМРО ДПМНЕ побара основните прехранбени производи да бидат ослободени од ДДВ, да се преполови акцизата на горивата и да се намали  ДДВ-то на пет проценти.
„Повикуваме за малку разум кај колегите од мнозинството и сите заедно на итна седница да ги изгласаме предлог законите за акцизите и данокот на додадена вредност. Цената за литар Еуросупер 95 е 104 денари, со прифаќање на нашиот предлог ќе биде 81 денар. Цената за литар Еуросупер 98 е 106,5 денари, со прифаќање на нашиот предлог ќе биде 83 денари. Цената за литар Еуродизел е 95 денари, со прифаќање на нашиот предлог ќе биде 76 денари“, кажа пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ.
Скок во цената откако вчера истекоа антикризните мерки, најпрво се забележа кај шеќерот, лебот, јајцата и брашното и кај зејтинот кај кој има и најголем скок во цената.