Граѓани им прават услуга на функционери со имотот, ама Антикорупција нема надлежност да реагира

„Недолжни граѓани го запишуваат имотот на функционери на нивно име за што добиваат противуслуга и кога ќе им заврши функцијата тие си го враќаат тој имот на свое име“.

Ова вечерва на тв24 го изјави претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) – Билјана Ивановска.

Таа истакна дека постои можност функционери да го пријавуваат имотот на друго лице, што не е на функција и дека се зборува за такви случаи, но дека Антикорупциската комисија нема ингеренции да ги разгледува имотите на граѓаните, туку само на избраните лица.

Таа информира и дека голем број од пријави на граѓаните до ДКСК се однесуваат на незадоволството од судските одлуки, по кои комисијата нема надлежност да постапува и ги препраќа до Судскиот совет.

„Од аспект на проверка на потеклото на имотот, ние не го испитуваме имотот на судиите, туку вршиме проверка на она што е пријавено во анкетниот лист, односно верификација на податоците, дали тоа што е пријавено се совпаѓа со тоа што е запишано во книгите, во катастарот. Наша надлежност е до тука. Доколку откриеме несразмерност во богатењето во однос на нивните месечни примања, тогаш тие предмети ги доставуваме до надлежни институции“ – рече Ивановска.