МЕПСО бара преносот на струјата да се покачи за 68%

МЕПСО – националниот електропреносен систем оператор до Регулаторната комисија за енергетика доставил барање за корекција на цената за пренос на електрична енергија.

МЕПСО бара покачувањето на тарифата за пренос на електрична енергија од 68%. Барањето се однесува на периодот од 01.07.2022 до 01.07.2023 година.

Од компанијата велат дека тоа е единствено решение во услови на се посложена ситуација на пазарот на електрична енергија. Најголемо влијание во барањето за зголемување на цената според АД МЕПСО има зголемувањето на трошоците за обезбедување системски услуги кои во најголем дел се обезбедуваат од страна на ЕСМ и зголемените трошоци за набавка на електрична енергија за обезбедување на загубите во преносната мрежа, а кои се набавуваат на отворениот пазар.

„Причините за ваквото барање се повеќеслојни и не се должат на влошени резултати во работењето на компанијата, туку на објективни причини врз кои АД МЕПСО нема никакво влијание. Енергетската криза која почна да се засилува од втората половина на минатата година значително влијаеше на зголемените цени на електричната енергија на светските берзи, што во значителна мера ги зголеми пред се трошоците за покривање на загубите во мрежата’’ – посочуваат во МЕПСО.

Компанијата во 2021 година за покривање на загубите во мрежата потрошила 8,6 милиони евра, а за оваа година поради високите берзански цени на електричната енергија, се проценува дека ќе бидат потребни три пати повеќе или околу 26,7 милиони евра.

Претходното барање за корекција на преносната тарифа што МЕПСО го достави до РКЕ, беше од 88% зголемување, но РКЕ одобри 23,7%.