
Пожарникарите во Тетово ќе дежураат цела ноќ се додека пожарот кој изби денеска во фабриката „Македонија табак“ и комплетно не е ликвидиран, иако попладнево целосно беше ставен под контрола.
Пожарот денеска беше ставен под контрола и локализиран само во управната зграда, додека на останатите два соседни објекти е изгаснат.
„Огнот во текот на вечерта е локализиран и ставен под наша контрола.Сега вечерва уште има чад затоа што целата покривна конструкција од големата зграда изгоре и падна. Имаме големи количини на изгорени материјали кои тлеат и затоа се уште има чад и ќе има и во текот на вечерта. Затоа цела ноќ е предвидено да дежураме за да се избегне опасност повторно да се разгори огнот. Ова беше еден од најголемите пожари во мојата кариера и сме фрлиле неверојатно големи количини вода“ – изјави командантот на тетовската пожарна – Ука Алити.
Епилогот е двајца полесно повредени пожарникари, како и неколкумина кои вдишале чад.
Од Центарот за јавно здравје Тетово препорачаа болните лица и децата да не излегуваат од дома ако немаат потреба или да носат заштитна маска КН 95.
„Пожарот е под целосна контрола благодарение на силната интервенција на противпожарните единици од Тетово, Скопје, Куманово, Гостивар, Кавадарци, благодарение на армискиот и полицискиот хеликоптер, но и вработените и други граѓани кои помогнаа во пренесувањето на горливата материја со виљушкари“ – изјави Стојанче Ангелов, директор на ЦУК.
Испитување на воздухот направила единица на Армијата која анализира атомско-биолошка-хемиска опасност.
„Нема опасни гасови во воздухот, отровни гасови. Извршија испитување на воздухот во околината и состојбата од аспект на отровни гасови е безбедна“ – рече Ангелов.