
Шведскиот амбасадор Сулстром: Остануваме гласни поддржувачи на Северна Македонија на патот кон ЕУ
Сулстром како врвен приоритет за време на неговиот мандат го наведе и зајакнувањето на економската соработка. Вели дека тоа е област во која Амбасадата ќе се обиде дополнително да го засили својот ангажман.
Новиот амбасадор на Шведска во земјава Ола Сулстром во интервју за МИА, вели дека негов прв приоритет ќе биде продлабочување на политичкото партнерство меѓу двете земји. Тој уверува дека Шведска ќе продолжи да стои зад Северна Македонија да се приклучи кон Унијата.
-Посветеноста на Шведска кон проширувањето на ЕУ секогаш била и останува цврста како карпа. Ќе продолжиме да стоиме зад Северна Македонија и сите земји-кандидатки кои сакаат да се приклучат кон Унијата и да ги исполнат Копенхашките критериуми. Членството во Унијата верувам би било од голем интерес не само за Северна Македонија, туку и за ЕУ, вклучително и за соседните земји, како и за подалечни земји членки, како што е Шведска, вели новиот шведски амбасадор во своето прво интервју од стапувањето на функцијата.
Амнасадорот Сулстром изразува надеж дека ќе има напредок во наредните години.
-Мојот впечаток од разговорите овде во Скопје е дека тоа е и она што го сакаат повеќето луѓе, особено младите. За да ја поддржиме оваа посветеност, ќе продолжиме и со нашата силна билатерална поддршка за реформските напори поврзани со ЕУ. Всушност, главната цел на шведската реформска соработка со Северна Македонија е токму тоа – да ѝ помогне на земјата во нејзиниот процес на интеграција и пристапување во ЕУ преку финансиска и техничка поддршка на институциите за исполнување на Копенхашките критериуми, нагласува амбасадорот.
Сулстром како врвен приоритет за време на неговиот мандат го наведе и зајакнувањето на економската соработка. Вели дека тоа е област во која Амбасадата ќе се обиде дополнително да го засили својот ангажман.
-Многу сме возбудени што Визер кон крајот на октомври ќе започне со директни летови од Скопје до аеродромот Арланда во Стокхолм. Ова е фантастична можност и ќе помогне да се поттикне туризмот, бизнисот и понатамошните контакти меѓу луѓето. Веќе имаме директни летови до Гетеборг и Малме, така што сега сите три главни шведски градови се поврзани со Скопје, потенцира Сулстром.
Амбасадорот Сулстром претходно бил на функции во Мисијата на Шведска во Брисел, во Мисијата на Обединетите нации во Њујорк, како и на позиции во шведското Министерство за надворешни работи.