
Лекорну побара Макрон да номинира нов премиер во рок од 48 часа
Францускиот премиер во оставка Себастијан Лекорну вечерва предложи претседателот Емануел Макрон да именува негов наследник во рок од 48 часа.
Францускиот премиер во оставка Себастијан Лекорну вечерва предложи претседателот Емануел Макрон да именува негов наследник во рок од 48 часа.
– Изгледите за распишување предвремени парламентарни избори се намалуваат, изјави Лекорну.
Тој утрово, по разговорите со претставници на политичките партии, изјави дека малку е веројатно Парламентот да биде распуштен.
Лекорну кој поднесе оставка пред три дена во понеделникот, најави дека вечерва ќе се сретне со претседателот Емануел Макрон за да ги разгледаат резултатите од разговорите со партиите.
Макрон го задолжи 39-годишниот Лекорну да формира влада на почетокот на септември, откако Парламентот го собори неговиот претходник поради непопуларниот буџет за штедење. Тој на 5 октомври го претстави новиот кабинет, но беше критикуван поради што новата влада е составена од лица од претходната. Следниот ден Лекорну поднесе оставка, но ја прифати задачата од Макрон да посвети два дена на обид да ја спаси неговата администрација.
Франција е во политичка криза повеќе од една година, откако Макрон распиша вонредни избори во средината на 2024 година, кои резултираа со блокиран Парламент, без јасно мнозинство. Ова е најдлабоката политичка криза на Петтата Република од 1958 година.
Кризата е дополнително влошена од рекордниот јавен долг на Франција од 3,4 трилиони евра, трет најголем во Европска Унија, по Грција и Италија. Односот на долгот кон БДП е приближно двојно повеќе од дозволените 60 отсто според правилата на ЕУ, што создава огромен притисок за донесување итни економски мерки.
Лекорну е трет премиер на Макрон од вонредните избори, а неговите двајца претходници, Франсоа Бајру и Мишел Барние, беа сменети од Парламентот токму поради споровите околу буџетот за штедење.
Кризата се случува пред претседателските избори во 2027 година, кои се очекува да бидат историска пресвртница, со оглед на тоа што Марин Ле Пен и нејзината ултрадесничарска партија Национален собир, води во повеќето анкети.