Филипче: Ова не се обични локални избори, се бориме за нашиот дом, за Македонија

Филипче нагласи дека државата мора да стои зад народот и дека иднината им припаѓа на оние што создаваат и градат, а не оние кои рушат и делат.

„Ова не се обични избори, ова е борба за нашиот дом, за нашата земја, за нашата иднина. Секој глас е чекор напред кон држава во која ќе се почитува трудот, знаењето, чесноста. Обединети и сплотени, на 19 октомври да излеземе масовно и да ја потврдиме победата на вистинските вредности“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, од граѓанската трибина „Се бориме за нашиот дом“ во Кривогаштани.

Филипче нагласи дека државата мора да стои зад народот и дека иднината им припаѓа на оние што создаваат и градат, а не оние кои рушат и делат.

„Ние од СДСМ не работиме по принципот на ВМРО-ДПМНЕ, вети-заборави. Тие земаат од народот наместо да дадат и ги оставаат граѓаните сами со проблемите. Ние сме покажале дека работиме за граѓаните и за државата. Секогаш сме биле и сме со граѓаните и кога било најтешко, во најголемите кризи, граѓаните беа наш приоритет“, рече Филипче.

Тој нагласи дека СДСМ никогаш не барал изговори, туку преземал одговорност.

„Со план и волја покажавме како се стои зад секој еден граѓанин кој се бореше да преживее, да зачува работно место, да го одржи својот бизнис. Никој не оставивме сам. Со СДСМ платите растеа, пензиите растеа, се создаде систем за помош, не за понижување“, истакна Филипче, додавајќи дека за СДСМ политиката не е пазар на лаги, туку механизам како да се подобри животот на граѓаните.

„Затоа е јасна разликата: ВМРО-ДПМНЕ гледа личен и партиски интерес, ние гледаме за народот и државата, дури и тогаш кога сме знаеле дека е на штета на нашиот рејтинг. Никогаш не сме правеле партиски калкулации кога биле во прашање граѓаните и иднината на државата“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, од Кривогаштани.