
Каравилоски: Продолжуваме со чесна работа за напредок и просперитет на Кривогаштани
Кандидатот за градоначалник од СДСМ, Игор Каравилоски, од трибината во Кривогаштани ја побара довербата од граѓаните, ветувајќи дека ќе се залага за модерна, уредена и просперитетна општина. Тој нагласи дека својата енергија, искуство и знаење ќе ги стави во служба на сите граѓани.
Кандидатот за градоначалник од СДСМ, Игор Каравилоски, од трибината во Кривогаштани ја побара довербата од граѓаните, ветувајќи дека ќе се залага за модерна, уредена и просперитетна општина. Тој нагласи дека својата енергија, искуство и знаење ќе ги стави во служба на сите граѓани.
„Нашата програма е гласот на граѓаните. Мојата визија е Кривогаштани да стане просперитетна општина, каде младите ќе останат, земјоделците ќе имаат сигурна поддршка, а секое семејство ќе живее во чиста, зелена и безбедна средина. Сега е време сето тоа искуство, знаење и енергија да ги ставам во служба на сите вас. Во изминатите четири години нашиот градоначалник Николче Мискоски и советничкото мнозинство покажаа дека со чесна и посветена работа општината може да напредува. Продолжуваме со ист континуитет и ќе ги завршиме започнатите, а ќе започнеме нови, големи проекти“, порача Каравилоски.
Тој во својата програма најави асфалтирање на улици, изградба на повеќенаменско игралиште во Обршани, реконструкција на главната улица во Пашино Рувци, приклучување на општината на системот за водоснабдување „Студенчица“, проширување на канализационата мрежа, санација на патишта и унапредување на регионалниот пат.
Каравилоски посочи дека младите се најголема сила и врвен приоритет и најави инвестиции во младински центар, нова библиотека, курсеви за странски јазици и дигитални вештини, награди за најдобрите студенти и активна вклученост на младите преку младински совет.
Во делот на јавната инфраструктура најави уредување на тротоари, поставување на т.н. „легнати полицајци“, нови зелени површини и расчистување на дивите депонии.
Ќе се постават фотоволтаици на јавните институции, а посебен акцент стави на здравствената грижа со повторно воспоставување на Итна медицинска помош во Кривогаштани, проект „Здрав пензионер“ со два бесплатни превентивни прегледи годишно и пристап до Центарот за дневен престој за стари лица во Прилеп.
„Ние не ветуваме празни зборови, туку дела што произлегуваат од реалните потреби на луѓето. На 19-ти октомври гласаме за број 5 и листата на советници од СДСМ“, порача Каравилоски.