
Мециновиќ: Нашиот модел ќе го реши јавниот превоз за наредните 100 години
Тој најави модерни автобуси, нови линии и активирање на железничката инфраструктура, како алтернатива на проектот БРТ, кој го оцени како „глорифицирана 15-ка или 5-ка“. Воедно, упати и остри критики кон актуелната власт за неактивност околу признавањето на Палестина.
Кандидатот за градоначалник на Скопје од Левица, Амар Мециновиќ, денеска го претстави визионерскиот план за јавниот превоз, кој, како што рече, ќе обезбеди трајно решение за транспортните проблеми во главниот град. Тој најави модерни автобуси, нови линии и активирање на железничката инфраструктура, како алтернатива на проектот БРТ, кој го оцени како „глорифицирана 15-ка или 5-ка“. Воедно, упати и остри критики кон актуелната власт за неактивност околу признавањето на Палестина.
Како прв чекор ја најави набавката на нови и безбедни автобуси, наместо, како што рече, „дотраените возила што минатото лето се палеа на улиците и го загрозуваа секојдневието на Скопјани“.
-Втората мерка е промена на автобуските линии. Тие се анахрони, неколку децении стари и сосема неефикасни. Наместо долгите линии по исток-запад, ќе воведеме циркуларни линии кои ќе го хранат комбинираниот транспорт, изјави тој.
Како клучен сегмент го најави ставањето во функција на постоечката железничка линија по север–југ (Ѓорче Петров – Скопје Север – Драчево) и изградба на нова траса по оската исток–запад. Линијата би била долга 13 километри, со 20 станици, и според него долгорочно ќе заштеди стотици милиони евра.
Мециновиќ го критикуваше проектот БРТ, нарекувајќи го преодно и неефикасно решение. Воедно, потсети и дека Скопје е единствен главен град без јавна линија до аеродромот, ниту кон индустриската зона Бунарџик. Според него, со поврзување на постоечката железничка инфраструктура може да се обезбеди функционален систем што ќе му овозможи на градот „конечно да почне да дише“.
-БРТ е „глорифицирана 15-ка или 5-ка“. Искуствата од Истанбул, Богота и Џакарта покажуваат дека е преодно решение кое долгорочно создава уште поголем метеж. Знаете ли зошто сакаат БРТ, а не железница? Затоа што железницата ја поставуваат Македонски Железници, а нивните компании знаат само да бетонираат и асфалтираат. Ние сакаме визионерски пристап и изградба на трајна инфраструктура што ќе го воскресне железничкиот транспорт – најефективниот во светот денес, нагласи тој.