По депортацијата од Израел, Грета Тунберг во Атина пречекана со овации

Шведската активистка Грета Тунберг синоќа пристигна во Грција каде толпа луѓе ја пречекаа со овации откако таа, заедно со стотици други активисти, беше приведена од Израел на отворено море и депортирана поради обид за доставување хуманитарна помош во Газа.

Шведската активистка Грета Тунберг синоќа пристигна во Грција каде толпа луѓе ја пречекаа со овации откако таа, заедно со стотици други активисти, беше приведена од Израел на отворено море и депортирана поради обид за доставување хуманитарна помош во Газа.

Израел соопшти дека вчера протерал 171 активист, вклучувајќи ја и Грета Тунберг, со што бројот на депортирани активисти се искачи на 341, од 479 приведени откако Израел пресретна флотила што се обиде да ја пробие поморската блокада на Газа.

Грчкото Министерство за надворешни работи соопшти дека 161 активист вчера долетале во Атина, вклучувајќи ја и 22-годишната Тунберг. Меѓу нив имало 27 Грци, како и граѓани на приближно 20 други земји.

– Сакам да бидам многу јасна. Таму се случува геноцид, изјави Тунберг пред толпата на аеродромот во Атина, осврнувајќи се на војната на Израел во Газа.

– Нашите меѓународни системи ги предаваат Палестинците. Тие не се во можност ниту да ги спречат најлошите злосторства. Она што го обидовме со глобалната флотила е да интервенираме кога нашите влади не ја исполниле својата законска должност, рече таа.

Активистите се обидоа да стигнат до Газа со голем број бродови за да достават хуманитарна помош и да привлечат внимание кон тешката положба на Газа, каде што повеќето од нејзините 2,2 милиони жители се протерани од своите домови и каде, според Обединетите нации, владее глад.

Израел, кој ги негира обвинувањата дека врши геноцид во Газа и вели дека извештаите за глад се претерани, ја опиша флотилата како публицитет во корист на Хамас. Израелските власти претходно ја притворија Тунберг на море во сличен обид да ја пробие блокадата во јуни.

Швајцарски и шпански активисти од флотилата претходно рекоа дека израелските сили ги подложиле на нехумани услови за време на нивниот притвор.

Министерството за надворешни работи на Израел издаде соопштение, придружено со фотографии од Тунберг на аеродромот, во кое се вели дека законските права на сите учесници се почитувани и дека единственото насилство што се случило било кога активист гризнал докторка во израелскиот затвор Кециот.

Меѓу деветте членови на флотилата кои пристигнаа дома во Швајцарија, неколкумина тврдеа дека биле лишени од сон, вода и храна, како и дека биле тепани, клоцани и затворани во кафези, соопшти групата што ги застапува.

Израелското Министерство за надворешни работи ги негираше обвинувањата.